Во Кривичниот суд во Скопје на рочиште за предметот „Рекет“ денеска треба да сведочи поранешниот градоначалник на Општина Центар и бизнисмен Владимир Тодоровиќ, како сведок предложен од одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13. Покрај него, за денеска судијката Васка Николовска- Масевска, побара одбраната да обезбеди уште еден сведок од предложената листа.
На последното рочиште, исто така како сведок на Јовановски, сведочеше адвокатот Васил Димишков, брат на судијката од претходна постапка Весна Димишкова, што му одреди мерка притвор на Јордан Камчев, обвинет во случајот „Империја”. Тој зборуваше дека семејството Камчеви сакале да го ангажираат да биде адвокат во тимот на бизнисменот при што рече дека смета оти тоа сакале да го направат со цел неговата сестра да биде изземена од предметот „Империја“. Тој беше првиот сведок предложен од Боки.
Тој има предложено вкупно 12 сведоци, додека второобвинетата Катица Јанева, предлага 13 сведоци меѓу кои се поголем дел од обвинителите кои работеа во СЈО.
Јовановски во „Рекет“ е обинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба.