Над 2000 нови работни места се отворени во првите десет месеци во компаниите во Технолошко индустриските зони, а бројот на вработени за првпат се искачи над 16 000, покажува месечната анализа на Дирекцијата на ТИРЗ.
Според податоците кои ги објави Дирекцијата, ова е зголемување за 16 отсто за една година, а само во октомври отворени се речиси 500 нови работни места.
„Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот. Заклучно со октомври извозот од ТИРЗ порасна на 3,122 милијарди евра, со што го надмина минатогодишното ниво на извоз од 3 милијарди евра за една година што беше рекордно ниво досега од постоењето на зоните. Анализата покажува дека извозот во првите 10 месеци од годинава е за 26 проценти повисок од 2021, односно за 50 проценти повисок споредено со истиот период во 2020“,
се наведува во анализата.
Од почетокот на годината увозот е зголемен за 15 отсто во однос на лани и изнесува 2 806 милијарди евра. Споредено со 2020, пак, зголемувањето е за 43 проценти.
Според анализата, позитивните економски движења се резултат од ефектите од новиот концепт на ТИРЗ, а се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи до крајот на годинава.
„Од почетокот на спроведувањето на овој концепт, во изминативе 20 месеци се постигнати договори од над 620 милиони евра, а истите треба да донесат над 5000 нови работни места“,
наведуваат од Дирекцијата за ТИРЗ.