Во паника и револт поради коронавирусот, притворениците во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, фрлаат чинии од прозорците и одбиваат храна, јавува „Тетова сот“.
Порталот објави и видео за кое тврди дека е испратено од нивни читател синоќа, кој сакал да остане анонимен. Револтот избувнал откако министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција информираше дека притвореник кој починал од срцев удар постхумно бил тестиран за ковид-19 и резултатот бил позитивен.

Од Управата за извршување на санкции, ги потврдија овие случувања, но нагласуваат дека ситуацијата бргу е ставена под контрола.
„Тоа се случило вчера, но веднаш после тоа состојбата е ставена под контрола и е редовна. Станува збор за фрлени пластични чинии кои им припаѓаат на затворениците, за кои им е дозволено да ги имаат во нивните простории, не се чиниите од затворот“,
велат од Управата.
Шестмина чувави кои биле во контакт со притвореникот и биле таму кога се констатирала смртта, веднаш по добивањето на резултатите се испратени дома во изолација и ќе се тестираат, а брисеви се земаат и на притворениците кои биле во исто одделение.
Министерството за здравство утрово информираше дека во текот на вчерашниот ден во истражниот затвор се направени прегледи и се земени брисеви од 30 притвореници.
„Денеска во истражниот затвор во Шутка се испратени засилени медицински екипи на Здравствениот дом кои ќе направат прегледи и ќе земат брисеви од сите што престојувале во истото одделение со починатиот, а прегледани и тестирани на ковид-19 ќе бидат и вработените во одделението“,
најавија од Министерството.
*Поврзани вести:
Притвореник во Шутка, кој починал од срцев удар, бил позитивен на коронавирусот
Управа за извршување санкции: Ситуацијата во Шутка е редовна и под контрола