Велика Британија веќе започна студија за проценка на имунолошкиот одговор при комбинација на вакцините „Астра Зенека“ и „Фајзер“
Во Азербејџан и во други земји на Блискиот исток, следната недела ќе започне клиничко тестирање на комбинација од руската вакцина „Спутник В“ и британската вакцина „Астра Зенека“ за да се види дали може да се зголеми ефикасноста на британската вакцина, објавија руските медиуми, а пренесе ХИНА.
Првите резултати се очекуваат во март.
Двете вакцини се даваат во две дози и користат безопасни аденовируси како вектори за пренесување на генетски упатства до организмот за да можат клетките да создаваат антитела.
Според резултатите од последната фаза на студијата објавена во стручното списание „Лансет“, руската вакцина „Спутник В“ има ефикасност од 91,6 проценти.
Шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) Кирил Димитриев за Ројтерс изјавил дека Русија е подготвена да понуди соработка на секој производител што има вакцина со ефикасност помала од 90 проценти.
Податоците од последната фаза на испитувања покажаа дека ефикасноста на британската вакцина „Астра Зенека“ е околу 70 проценти.
Во меѓувреме, Велика Британија веќе започна студија за проценка на имунолошкиот одговор при комбинација на вакцините „Астра Зенека“ и „Фајзер“.