На затворена седница, по два и пол часа расправа, членовите на Судскиот совет одлучија да му го одземат имунитетот на нивниот колега Зоран Теофиловски. Дополнително, во кусото соопштение, наведуваат дека донеле решение со кое не одобруваат определување на мерка притвор за Теофиловски, побарано од судија за претходна постапка на Кривичниот суд.
Теофиловски, по кого МВР трагаше цел ден, утрово сам се појави во Судот и се повика на имунитетот. За него вчера беше побаран притвор од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Тој е првоосомничен во истрагата за нелегална приватизација и легализација на државен имот во Тетово. Штетата во случајот се проценува на околу 860.000 евра.