Според официјални податоци, 30 проценти од Швеѓаните веќе развиле имунитет на новиот вирус, без карантин, маски и други рестрикции
Зимата ќе покаже дали начинот на кој Шведска се справува со коронавирусот е добар, пишува лондонскиот весник „Телеграф“ укажувајќи дека земјата беше изложена на голем број критики бидејќи не воведе карантин за време на пандемијата, а според официјални податоци 30 проценти од Швеѓаните веќе развиле имунитет на новиот вирус.
Доколку Шведска в зима успее да го избегне вториот бран на епидемија, тогаш би се докажало дека нејзиниот начин за справување со ковид-19 бил оправдан, пишува „Телеграф“.
Весникот потсетува дека голем број експерти го нарекуваа шведскиот пристап „луд експеримент“ и ја обвинуваа владата дека ја води земјата во катастрофа, предвидувајќи колапс на здравствениот систем и експоненцијален раст на бројот на заразени, ако не се воведе карантин.
Освен забраната за собирање на повеќе од 50 луѓе, во Шведска не беа воведени други рестриктивни мерки. Децата под 16 години одеа во училиште и никој не носеше маски.
Но, како и во другите европски држави, во Шведска најголем број починати како последица од ковид-19 е регистриран во средината на април, по што следи пад на бројот на смртните случаи. И она што го потенцира весникот е дека кривата на смртни случаи не се разликува многу од земјите во кои беше воведен карантин.
Но, откако не се остварија апокалиптичните предвидувања, критичарите на шведскиот пристап ситуацијата во земјата ја оправдуваа со малата густина на населеност и големиот број на едночлени домаќинства, социјалното дистанцирање како дел од шведската култура или, пак, дека Швеѓаните не зборуваат многу за да се пренесуваат вирусните капки.
Во Шведска со новиот коронавирус досега се регистрирани вкупно 75 826 луѓе, од кои починале 5 536 лица.