Над еден милион американски долари досега се испратени од САД до земјава како помош за справување со коронавирусот. Претседателот на државата, Стево Пендаровски, преку телефонски разговор со државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изрази задоволство за оваа помош.
Во разговорот, од името на граѓаните на земјава и од свое лично име, претседателот Пендаровски изрази и сочувство за смртта на над 50.000 американски граѓани како последица на ковид-19 и изрази солидарност со американскиот народ.
„Двајцата соговорници разменија информации за актуелните состојби околу справувањето со пандемијата на КОВИД-19, при што претседателот Пендаровски изрази благодарност до државниот секретар Помпео за досегашната американска помош за справување со вирусот, која изнесува над еден милион американски долари. Притоа, Претседателот истакна дека помошта е потврда за солидарноста и пријателството на двете држави во време на сериозни предизвици со кои се соочува целокупното човештво“,
се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Истовремено, претседателот Пендаровски му се заблагодарил на секретарот Помпео за честитките за членството на Северна Македонија во НАТО, како и за целокупната американска поддршка и посебно на американската дипломатија, во исполнувањето на оваа стратешка цел.
Претседателот Пендаровски го информирал државниот секретар Помпео за последните случувања во регионот, со посебен осврт на прашањето на Косово.