Шефот на македонската дипломатија во телефонскиот разговор упатил честитки до вицепремиерката и министерка за надворешни работи во новата бугарска влада, Марија Габриел, за именувањето на функцијата и ја пренел подготвеноста за зајакнување на билатералната соработка, во духот на добрососедските односи и европските вредности, а во интерес на граѓаните на двете земји
Телефонскиот разговор може да се толкува како иницијален обид за кршење на мразот во односите меѓу Скопје и Софија кои изминатиот период се заострија
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска, еден ден по нејзиното стапување на функцијата, телефонски разговарал со вицепремиерката и министерка за надворешни работи во новата бугарска влада, Марија Габриел.

Продолжување на политичкиот дијалог, ревитализација на меѓуресорската соработка и целосна имплементација на Договорот за пријателство, се темите на кои разговарале Османи и Габриел, и чија важност била нагласена од двајцата соговорници.
„Османи упати честитки за именувањето на функцијата, пренесувајќи ја притоа подготвеноста за зајакнување на билатералната соработка, во духот на добрососедските односи и европските вредности и во интерес на граѓаните на двете земји. За време на разговорот, беше нагласена важноста на продолжување на политичкиот дијалог, ревитализација на меѓуресорската соработка и целосна имплементација на Договорот за пријателство, како и Протоколот од Заедничката меѓувладина комисија“,
се наведува во соопштението од МНР за телефонскиот разговор меѓу Османи и Грабиел.
Телефонскиот разговор може да се толкува како иницијален обид за кршење на мразот во односите меѓу Скопје и Софија кои изминатиот период се заострија, особено по забраната за влез во земјава на европратеникот Андреј Ковачев на 6 мај и говорот на Димитар Ковачевски на главната дебата на Самитот на Европскиот совет во Рејкјавик во кој македонскиот премиер го спореди дискурсот што Бугарија го користи кон Северна Македонија со оној на Руската Федерација кон Украина, што наиде на жестоки реакции од Софија.
Бугарија по пет последователни парламентарни избори, конечно доби нова политичка влада. Парламентот на земјата вчера попладне го изгласа новиот владин кабинет за кој договорот го постигнаа двете најголеми партии, односно коалициите кои освоија најголем број пратенички места: Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија (ПП – ДБ) и ГЕРБ – СДС.
Новата бугарска влада ја предводи академик Николај Денков, а за вицепремиер и министер за надворешни работи е именувана Марија Габриел од ГЕРБ. Според решението што претходно беше договорено, новата бугарска влада, што се однесува до премиерската позиција, ќе функционира на ротирачки принцип. Првите девет месеци премиер ќе биде Денков, кој беше предлог на Продолжуваме со промените, а вицепремиер и шеф на дипломатијата Габриел. Потоа двајцата ќе си ги сменат местата, односно Габриел ќе го преземе претседателското место во владата, а Денков ќе биде вицепремиер.