Холандскиот министер за надворешни работи ја пренел оценката дека Северна Македонија продолжи да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година
Холандија смета дека Северна Македонија треба безусловно да ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ, односно дека по донесувањето на Законот за јавно обвинителство не постојат никакви пречки за почеток на преговорите.
Ова го истакнал холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок во телефонски разговор со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Разговорот го иницирал Димитров, во контекст на Советот за општи работи на ЕУ, кој е предвиден да се одржи на 24 март, а на кој ќе се разгледува донесување на одлуката за отпочнување на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Како што соопшти МНР, Блок го информирал Димитров дека во писмото до холандскиот парламент, холандската Влада ги споделува наодите на Европската комисија дека Владата на Северна Македонија продолжува да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година.
„Министерот Димитров ја реафирмираше заложбата на нашата земја за продолжување на зацртаниот реформски пат во однос на евроинтеграциите, а беа разменети и информации и за мерките против коронавирусот и ситуацијата на границите низ Европа“,
стои во соопштението.
*Поврзана вест: Холандија: Безусловно отворање преговори со Северна Македонија, условено со Албанија