„Јас сум поделен на два света – едното дете ми е тука, другото ми го одзедоа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешницата, важно ми е да има разрешница за да може да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој или ќе се придружам на другиот свет“, кажа Александар Ѓорчевски на денешната јавна седница во Врховниот суд
Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, кој е осомничен за помагање во грабнувањето на девојчето, останува во притвор. Врховниот суд попладнево соопшти дека Советот за казниви дела донел одлука со која е одбиена неговата жалба и е потврдено решението на Апелацискиот суд Скопје.

Одлуката на Врховниот суд е објавена по околу два часа откако во Судот се одржа јавна седница на која одбраната на Ѓорчевски ги изложи аргументите од жалбата, а против одлуката на Апелација за продолжување на притворот.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, донесе одлука по жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена против Решението за продолжување на мерката притвор, во кривичниот предмет познат во јавноста како ‘Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска’. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната јавна седница на ден 13.03.2024 година, донесе Решение ВКЖ1-11/24, со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелацискиот суд Скопје КСЖ-223/24 од 01.03.2024 година“,
се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница на Врховниот суд.
На денешната седницата присуствуваше и осомничениот Ѓорчевски, кој повикан од Кривичниот совет да даде свој исказ по излагањата на неговиот адвокат и на обвинителот од републичкото Јавно обвинителство доколку чувствува потреба за тоа рече:
„Јас сум поделен на два света – едното дете ми е тука, другото ми го одзедоа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешницата, важно ми е да има разрешница за да може да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој или ќе се придружам на другиот свет“
Бранителот на Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, во образложението на жалбата кажа дека таа е во духот на Европската конвенција за човекови права бидејќи смета дека во случајот на неговиот клиент станува збор за одреден превентивен притвор, што е спротивно на членот 5 од Конвенцијата. Наведе дека Обвинителството досега не понудило ниту еден доказ што упатува на кривичното дело за кое се товари Ѓорчевски, како и на основаноста да му биде продолжуван притворот. Како што кажа адвокатот, образложенијата врз основа на кои му е продолжен притворот на Ѓорчевски биле аргументирани општо и апстрактно и оти не држат наводите за опасност од бегство, влијание на сведоци и повторување на кривичното дело од страна на Ѓорчевски, кој тоа воопшто не го извршил.
Обвинителката од републичкото јавно обвинителство Наталија Тасевска кажа дека Обвинителството предлага Врховниот суд да ја одбие жалбата на Ѓорчевски бидејќи истрагата сè уште трае, се вештачат телефонски разговори од кои се извлекуваат заклучоци дека осомничениот го сторил кривичното дело.
„Постои висок степен на веројатност дека осомничениот ќе се даде во бегство во оваа фаза на постапката кога сè уште се преземаат дејствија и постои опасност од влијание врз сведоци кои во понатамошниот тек на постапката може да доведе до тоа да ги променат исказите пред судечкиот совет“,
рече обвинителката Наталија Тасевска од републичкото јавно обвинителство.

Бранителот на Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегчиќ, по завршувањето на седницата, а пред Врховен да ја донесе одлуката во изјава за медиумите рече оти верува дека највисокиот суд во државата ќе има поинаков пристап од пониските судови при одлучување по жалбата за продолжениот притвор на неговиот клиент.
„Јас верувам од првиот ден дека Александар не е виновен и дека сето ова што се случува околу него е една голема грешка… Основаното сомневање може да биде основ за определување на мерка притвор во некоја почетна фаза, меѓутоа крајно недозволено е после четири месеци на осомничениот и на мене како бранител да не ни е предочена ниту најмала индиција, ниту доказ од кој произлегува основаното сомневање за ваквата состојба односно за определувањето на мерката притвор. Образложението во предлог мислењето на републичкото јавно обвинителство мене лично не ме изненадува бидејќи таму се наведени само таксативно законските основи за определување и продолжување на притвор без јасна аргументација. Во овој момент јас нема друго што да кажам освен тоа дека верувам дека Врховниот суд, судиите на Врховниот суд ќе имаат поинаков пристап од пониските судови за овој осомничен и со внимание и внимателност ќе ги разгледаат аргументите кои одат исклучиво во прилог на осомничениот“,
рече Туфегчиќ по седницата.
Прашан што доколку Врховен одлучи да ги отфрли наводите од жалбата, што и се случи, адвокатот рече оти не сака да ја прејудицира што ќе реши судот и повтори оти очекува Судот да постапи темелно. Во тој контекст тој ја спомена судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, која е судија известител во предметот што го оформи Врховен по жалбата.
„Јас за делот дали ќе се прифати или нема да се прифати жалбата во тој дел не би прејудицирал, оставам на судиите на Врховниот суд. Ги видовте и сами членовите на Советот, судија известител е Мирјана Лазарова-Трајковска која беше дел и од Европскиот суд за човекови права и во таа смисла тоа ми дава надеж дека навистина ќе се пристапи темелно и со зголемено внимание“,
рече адвокатот.

Во врска со наводите од жалбата дека врз осомничениот Ѓорчевски била вршена тортура во затворот каде што ја издржува мерката притвор од страна на лица кои се претставувале како полициски службеници со цел од него за извлечат признание за кривичното дело, адвокатот изјави:
„По однос на тортурата врз Александар, јас сум го известил јавниот обвинител со кого подолго време немам контакт и не знам до каде е таа постапка и за тоа ќе се информирате во Основното јавно обвинителство кај надлежниот јавен обвинител кој го застапува овој предмет. Јас како бранител по мое барање сум добил известување, можам да кажам за прв пат во кариерата се случува да добијам такво известување, каде што Вишиот јавен обвинител ме известува дека по моето барање за постапување по однос на надлежноста за постапување во овој кривичен предмет, бидејќи самите знаете дека еден од дел од дејствијата е во Велес, па тука се доведе во прашање надлежноста за постапување, јас сум известен дека тој Виш јавен обвинител со известие од државниот јавен обвинител тогаш Љубомир Јовески има строга забрана за да пројави било каков интерес и да бара податоци за овој предмет. Така што за се друго е излишен било каков коментар и затоа не ме ни чуди што досега јавниот обвинител кој го води овој предмет, а тоа не е еден, туку се двајца јавни обвинители не ме повикаа да ми предочат докази што по закон се должни да го направат“,
рече Туфегчиќ.
Тој изјави оти нема информации дали семејството на Ѓорчевски или тој самиот има некакви контакти со сопругата и додаде дека според информациите што ги има од јавниот обвинител мајката на Вања дала исказ во Обвинителството во јануари.
Прашан за коментар на наводите на Обвинителството дека веќе испитани сведоци би можеле да го сменат исказот пред судечкиот суд доколку во оваа фаза од постапката Ѓорчевски биде пуштен да се брани од слобода, Туфегчиќ рече дека ОЈО Скопје треба да одговори на кои испитани сведоци мисли.
„Во одлуките на Апелацискиот суд е наведено дека јавното обвинителството преземало дејствија на сослушување на шест сведоци кои јас сум ги обезбедил како бранител, а доколку има некои други сведоци јавното обвинителство треба да излезе и да каже кои се тие сведоци на кои би можел да влијае. Сослушани се клучните шест сведоци кои биле тој критичен период од 27 ноември до откривањето, односно обзнанувањето на трагедијата значи биле во непосреден контакт 24 часа со осомничениот. Така што дел од нив преземале исти активности кои ги преземал и осомничениот да обезбеди видео-надзор и биле сите тргнати во потрага по докази“,
рече адвокатот.

Туфегчиќ беше дециден дека Ѓорчевски не познава никого од останатите осомничени, прашан за коментар во врска со телефонските разговори за кои обвинителката Тасевска, денеска кажа дека се вештачат.
„Тоа ќе го прашате јавниот обвинител. Јас такви сознанија немам ниту јавниот обвинител ме удостоил она што е негова законска обврска да ми ги предочи доказите“,
рече адвокатот.
Одговарајќи на хипотетичко прашање дали смета дека екстрадицијата на првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Вања, Љупчо Палевски-Палчо ќе биде од полза за неговиот клиент, адвокатот изјави дека и да се случи и да не се случи екстрадицијата тој е уверен дека доказите кои, како што кажа, ги нема и целокупната состојба одат во полза на неговиот клиент.
„Така што за мене лично, ако мене ме прашате како бранител е потполно ирелевантно дали и кога ќе се случи или нема да се случи екстрадицијата. За Александар е потполно ирелевантно бидејќи апсолутно сегашната состојба на работите е таква да тој се наоѓа во она што законот стриктно го забранува, а тоа е превентивен притвор“,
рече Туфегџиќ.
Првоосомничениот за убиствата на Вања и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо, и понатаму е во Турција каде што беше уапсен на 5 декември и во моментов се чека негова екстрадиција во земјава која надлежните во земјава очекуваат да биде реализирана бидејќи, како што неодамна изјавија од Министерството за правда, останува да бидат завршени уште административните процедури.

Покрај Палевски, за случајот осомничени се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување. Таткото на Вања според истрагата се сомничи дека помогнал во грабнувањето на девојчето откривајќи им ја на сторителите рутината на нејзиното движење. Во случајот осомничено е уште едно лице, Стефан Димовски, кој се товари за кривичното делот помагање на сторител по извршено кривично дело, бидејќи го возел Палевски од Србија, преку Бугарија до Турција. Нему вчера му беше укинат притворот, бидејќи како што образложија од Обвинителството поради видот на кривичното дело и предвидената казна не постои законска можност тој и понатаму да ја издржува оваа мерка за обезбедување присуство.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата што на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, девојчето било грабнато во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември лани од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.