Еден од нив изгорел во дневната соба, додека другиот се задушил во претсобјето од семејната куќа. Во куќата живеело вкупно три лица – татко и двајца синови. Едниот син кој преживеал излегол за да бара помош, додека татко му и брат му останале да го гаснат пожарот
Двајца прилепчани – татко и син, синоќа загинаа во пожар што избувнал во нивниот семеен дом на улицата „Цане Илиоски“ во Прилеп, јави дописничката на МИА.
Пожарот бил пријавен синоќа околу 22 часот по што противпожарната служба интервенирала со три возила и девет пожарникари.
„Опожарени беа дел од катот на куќата – дневна просторија и кујна. Затекнато е едно изгорено лице, а другото лице, задушено од чадот извлечено е надвор од куќата и предадено на службата за Итна помош каде е констатирана смрт. Двете лица се на возраст од 60-тина и 80-тина години. Лицата пред да стигнеме веќе биле починати“,
вели Кристијан Момироски, командир на противпожарната единица од Прилеп.
Едниот прилепчанец бил затекнат во дневната просторија и целосно изгорен, а другиот во претсобјето и се задушил. Пожарот е изгаснат и е спречено да се прошири на другиот кат и на соседните куќи.
Од Итната медицина помош велат дека на пожарникарите им требало околу 20 минути за да стигнат до телата. Во куќата живеело вкупно три лица – татко и двајца синови. Едниот син кој преживеал излегол за да бара помош, додека татко му и брат му останале да го гаснат пожарот.
„Едното тело беше целосно опожарено, а другото делумно. Првично од ситуацијата која ја видовме, сигурно дека двете лица се имаат задушено од чадот. Еден од луѓето што живее таму ни кажа дека биле подвижни, но останале во куќата да го гаснат пожарот. Во куќата живееле тројца, од кои едниот излегол да побара помош. Викал по нив да излезат, ама тие останале во куќата да го гаснат пожарот. Ние ја утврдивме смртта, а потоа надлежност презеде основниот јавен обвинител“,
изјави за МИА началникот на службата за Итна помош-Прилеп, Даниел Аврамовски.
Увид на местото на пожарот направиле и полицијата и основен јавен обвинител, а истрагата треба да ги открие причините за трагедијата.