Дел од порталите информираа дека Гоцевски починал откако си заминал дома да се одмори од долгиот и напорен ден транспортирајќи ги повредените. Заспал и повеќе не се разбудил, пишуваат тие

Утрово Кочани се разбуди со уште една тажна вест. Почина Иле Гоцевски (42) , возач во Брза помош во Општата болница Кочани, кој ноќта по пожарот превезувал настрадани лица. Информацијата ја потврди министерот за здравство Арбен Таравари на својот фејсбук профил.
„Утрово не напушти уште едно срце, возачот на Итната медицинска помош од Кочани, Иле Гоцевски, човек кој беше на првата линија на оваа страшна трагедија, човек кој одговори на повикот за спасување, но неговото сопствено срце не издржа. Некои болки се преголеми. Некои загуби се премногу тешки за да се носат. Ова не е само трагедија. Ова е рана што ја носи целиот народ. Тагата за 59-те млади животи згаснати во пожарот во Кочани се чувствува во секој дом, на секоја улица, во секое срце. Денес плачеме како едно. Никој не може да остане имун на ваква загуба. Во овие моменти, кога зборовите не се доволни, се поклонуваме пред сите лекари, медицински лица и спасувачи кои без двоумење ги вложуваат своите животи за да спасат туѓи. Оваа трагедија уште еднаш ни покажа дека нивната работа не е само професија, тоа е жртва, тоа е храброст, тоа е човечност. Нека почива во мир нашиот медицински херој. Нека почиваат во мир младите чии соништа згаснаа прерано. Никогаш повеќе да не доживееме ваква сурова реалност“,
напиша Таравари.
Претходно од Гоцевски се поздравија неговите колеги од Општата болница во Кочани.
„Шокирани сме од веста дека нашиот Иле веќе го нема. Беше многу вреден човек, беше многу добар возач и колега и хуман човек. Во моментот на пожарот беше ноќна смена и превезуваше настрадани од дискотеката и покрај тоа што претходно на колегите се пожалил дека не се чувствува добро. Имал многу низок протисок, примал инфузија, но потоа станал и заминал да помага. Легнал да спие и не се разбудил. Причината, колку што ние знаеме, а не сме сигурни, се претпоставува дека е мозочен удар“,
изјавиле за ММЦ негови колеги од Брза помош од Кочани.
Дел од порталите информираа дека Гоцевски починал откако си заминал дома да се одмори од долгиот и напорен ден транспортирајќи ги повредените. Заспал и повеќе не се разбудил, пишуваат тие.