Таравари, чија партија е дел од владејачкото мнозинство, и претходно уште пред Алијанса за Албанците да стане дел од Владата излезе со став во уставните измени да се внесе и албанскиот јазик како официјален јазик во државата
Дали ќе помине ваквото барање на Алијанса за Албанците, со кое досега настапија и други партии од албанскиот блок, останува неизвесно имајќи ги предвид ставовите на дел од претставниците на Владата кои сметаат дека во процесот на уставните измени телата задолжени за ова прашање треба да се држат до приоритетите предвидени во преговарачката рамка
Сега е моментот, со отворањето на Уставот за вметнување на Бугарите и други заедници во Преамбулата, формулацијата „20 проценти“ да се замени со „албански јазик“, вели градоначалникот на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

Таравари, чија партија е дел од владејачкото мнозинство, и претходно уште пред Алијанса за Албанците да стане дел од Владата излезе со став во уставните измени да се внесе и албанскиот јазик како официјален јазик на државата.
На прашањето какви се шансите предлогот да помине во Собранието, тој вели: „целата филозофија која ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка 20 проценти“.
„Видете, де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници – политичките партии ќе видат дека е навистина моментот да ја тргнеме таа бројка. Како што инсистирам и македонскиот јазик да се користи така како што треба кога се напаѓа од која било држава, така и албанскиот сметам дека не треба да стои како проценти туку само тие 20 проценти да се заменат со албански јазик“,
вели Таравари во интервјуто.
За вакво решение, додава лидерот на АА, се сите партиите од албанскиот политички блок, а поголема пречка, барем декларативно, не гледа ниту кај коалицискиот партнер во власта СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Дури и претседателот на државата пред неколку дена кажа дека е апсурдно да се користат проценти за еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Така да се надевам дека ова е моментот кога ќе ги направиме овие промени заедно со воведување на Бугарите во Преамбулата и да тераме понатаму со европската агенда која нема друга алтернатива за нашата држава“,
вели лидерот на Алијанса за Албанците, кој е во посета на Вашингтон, каде што, како што наведува во интервјуто, ќе има средби во Стејт департментот на САД, во Претставничкиот дом и во Сенатот, како и со иселеници од Гостивар.
Дали ќе помине ваквото барање на Алијанса за Албанците, со кои досега настапија и други партии од албанскиот блок, останува неизвесно имајќи ги предвид ставовите на дел од претставниците на Владата, кои сметаат дека во процесот на уставните измени телата задолжени за ова прашање треба да се држат до приоритетите предвидени во преговарачката рамка.
Ваквиот став во неколку наврати досега го повтори вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Мислам дека е логично да се фокусираме на оние обврски од преговарачката рамка. Така мислам дека имаме најдобри шанси за успех и најдобри шанси да успееме во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое дополнително прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека сега е време затоа што ќе земе повеќе време и повеќе енергија и ќе го компликува процесот“,
изјави Маричиќ на 28 март, одговарајќи на новинарски прашања, откако еден ден претходно министерот за правда Кренар Лога, кој е од редовите на Алијанса за Албанците, рече дека освен внесувањето на Бугарите, може да биде формулиран поширок пакет уставни измени, во кој ќе се најдат и други прашања, меѓу кои и она за замена на „20 проценти“ со „албански јазик“.