Јас сум го кажал тоа многупати и тоа едно, две-три години наназад, и тоа апсолутно не ми пречи и прв би поддржал бидејќи мислам дека тоа е природна, нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки, се изјасни Пендаровски за предлогот на некои партии за замена на формулацијата „20 проценти“ со „албански јазик“
Во моментов нема согласност од сите политички чинители за да свикам заедничка средба на која би се зборувало за уставните измени, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, кој нагласи дека разликите околу ставовите за менување на Уставот се големи.
„За средба мора да има согласност од двете, трите, петте претпоставени страни учеснички. Во овој момент нема таква согласност. Ако некој сака да разговараме за т.н. хрватски модел, другата страна вели таа работа сме ја решиле пред 20 и повеќе години. Ако првава страна вели да разговараме за Бугарите во Уставот, зошто да не, бидејќи тоа е главна претпоставка за да продолжиме кон Европа, другава страна вели не. Не можеш со сила некого да натераш на муабет“,
изјави Пендаровски денеска во Тетово откако одржа предавање пред студентите на Универзитетот на југоисточна Европа.
На новинарско прашање за предлогот на некои партии за замена на фразата „20 проценти“ со „албански јазик“, претседателот Пендаровски рече дека за тоа нема проблем.
„Јас сум го кажал тоа многупати и тоа едно, две-три години наназад, и тоа апсолутно не ми пречи и прв би поддржал бидејќи мислам дека тоа е природна, нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки“,
истакна шефот на државата.
Министерството за правда пред два дена ги објави членовите на работната група, предложени од партиите и институциите, кои ќе ги подготвуваат уставните измени.
Од објавените имиња, јасно е дека опозицијата, како од македонскиот така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уставните измени во оваа фаза се беспредметни, а власта сака да го политизира процесот.
Дел од албанските опозициски претставници, пак, покрај внесувањето на Бугарите во Уставот, бараат и бришење на формулацијата „20 проценти“ и нејзина замена со „албански јазик“.