Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари во интервју во емисијата „360 Степени“ на Алсат зборуваше за претседателските и за локалните избори и евентуалната соработка со други партии.
Таравари рече дека за локалните избори во општина Дебар, каде имаат свој кандидат, се подготвени на соработка со сите партии. Сепак, рече дека во однос на претседателските избори ситуацијата е поинаква, во однос на тоа дали би биле спремни на соработка со ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг на изборите и поддршка на кандидатката за претседател Гордана Силјановска.
– Апсолутно не сме зборувале во партијата за таква работа. Дефинитивно немало никаква средба со некоја политичка партија засега – рече Таравари.
Тој кажа дека партијата го поддржува кандидатот за претседател Блерим Река кој, како што рече, покрај од Албанците, има поддршка и од многу Македонци, но и од граѓани од другите етнички заедници, како и од незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
– Ние мислиме дека господинот Река има реални шанси да биде во вториот круг – рече Таравари.
На прашањето со кого би бил во вториот круг, тој рече дека според нивните анкети во моментов Силјановска има одредена предност пред кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, велејќи дека тоа може да се промени во текот на кампањата.
Запрашан за тоа дали би поддржале кандидатка која е против Преспанскиот договор и против Законот за јазици, тој одговори дека Алијансата за Албанците го поддржала Преспанскиот договор, и дека биле дел од креаторите на Законот за јазици, додека биле во Владата.
– Не можеме да поддржиме кандидат кој вели, не ни требаат албанските гласови. Ниту еден Албанец, но ние не можеме да ги телекомандуваме луѓето кои ќе гласаат за Блерим Река – рече Таравари.
Тој потенцираше дека Алијансата не планира да прави пазар со никого и одлуките не ги носи на таков начин.
– Конкретно за Силјановска, не планираме да ја гласаме ако доаѓа, зборувам хипотетички, едно лице на кое не му требаат албанските гласови – рече Таравари.
Напишете коментар