Одговарајќи на новинарско прашање дали смета оти треба да се одземе лиценцата на доктор што земал мито од пациент, Таравари одговори потврдно, но дека ова прашање треба да му се постави и на претседателот на Лекарската комора
Мито во здравството постои – тоа е непобитен факт. Но, колку е распростането треба да се докаже и да има судска пресуда. Ова денеска го изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира случајот со приведениот хирург во клиничката болница во Битола, кој се сомничи дека сторил кривично дело примање поткуп, откако на 27 овој месец, извршил хируршка интервенција и побарал 150 евра за да се почести за завршената работа.

„Ги охрабрувам сите кои ќе имаат факти, да ги донесат кај нас, во Министерството за внатрешни работи или кај раководителите на клиниките“,
рече тој.
На прашањето дали смета оти треба јавно да бидат објавени имињата на докторите што бараат мито, Таравари рече дека постои презумција на невиност, односно дека прво треба да се докаже нивната вина.
„Ние не сме судии, ниту полиција. Не смееме да објавуваме имиња додека трае некоја процедура. Во комуникација сме со сите директори за сите пријави што ги добиваме за болниците или клиниките“,
вели министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање дали смета оти треба да се одземе лиценцата на доктор што земал мито од пациент, Таравари одговори потврдно, но дека ова прашање треба да му се постави и на претседателот на Лекарската комора.
Прашан дали ќе преземе поширока акција, зашто граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека се злоупотребува дополнителната дејност во хируршките гранки, каде и тешко болни од рак не се оперираат во редовен термин, туку им се нуди опција доколку сакаат побрзо да бидат оперирани, да дојдат за два-три дена, со што приватно ќе си платат.
„Добиваме информации, но и пријави во Министерството за здравство. Ги информираме директорите на клиниките и на болниците. Има една акција, а имаше и еден обид да се проверат вакви злоупотреби за редовно работно време дека се работат пациенти што треба дополнително да се оперираат“,
рече тој.
Додаде дека се обидуваат да ги исполнат сите барања на здравствените работници, и затоа бара од медицинските екипи да бидат коректни и да ја вршат својата должност онака како што треба.
Смета дека времето на чекање и за испитување и за прегледи во Македонија е најкратко во целиот регион, а можеби и во Европа. Додаде дека врши притисок врз сите болници и клиники да даваат повеќе термини, како и дека тој е зголемен за двапати во последните осум месеци.
