„Мислам дека не е во ред, а и спротивно е на Уставот, некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови со мандат од осум месеци. Сметаме дека тоа е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да стане можно“, изјави и новиот претседател на Собранието, Африм Гаши
Ако граѓаните треба да гласаат двапати за неполна година, тогаш ќе останам градоначалник и нема да прифатам понудена министерска функција.
Ова денеска го изјави гостиварскиот градоначалник и лидер на еден дел од Алијанса за Албанците, дел од колицијата „Вреди“, по завршување на средбата со австрискиот амбасадор Мартин Памер, одговарајќи на новинарско прашање дали нешто го спречува да влезе во идниот владин кабинет, истовремено посочувајќи дека не би било праведно граѓаните повторно да одат на избори.

„Дилемата е дали вреди да се оди за една година двапати на избори. Во Гостивар треба да излезат 35 илјади граѓани на гласање оваа година во ноември и во октомври следната година. Мислам дека тоа е нечесно. Така што, ако остане актуелниот Закон за локална самоуправа, јас ќе останам градоначалник“,
рече тој.
Единствена причина која, како што рече, го колеба е тоа што не би сакал граѓаните да се малтретираат и за неполна година двапати да излезат да гласат. Сепак, дефинитивна одлука на ова правање најави дека ќе соопшти в понеделник.
Доколку стане министер, Таравари рече дека во Општина Гостивар би требало да го замени еден од советниците, како и дека претседателот на Советот, Ваљбон Лимани, е добро решение за негова замена.
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, одлучи да се повлече од градоначалничката функција во Сарај и да ѝ се посвети на пратеничката работа како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ поради што во оваа општина ќе треба да се одржат предвремени локални избори. На Беџети му беше верификуван пратеничкиот мандат во Собранието, по што на својот фејсбук-профил ги извести жителите на Сарај дека ќе биде нивниот глас во парламентот.
Од редот на градоначалниците, за пратеник во новиот парламентарен состав беше избран и Билал Касами од Тетово. Но, тој до Собранието достави изјава дека се откажува од пратеничкиот мандат и побара истиот да не му биде верифициран, односно, одлучи да остане да ја извршува градоначалничката функција.
Инаку, претседателот на Собранието Африм Гаши најави дека на првата наредна седница ќе се најдат измени на ситемските закони, со цел да се овозможи формирање на нови и трансформација на постоечките министерства.
Според најавите, на дневен ред може да се најдат и законски измени со кои ќe се избегнат предвремени избори за градоначалници во општините чии актуелни први луѓе можат да преминат на министерски функции.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Гаши вели дека сега сме пред предизвикот да имаме градоначалници кои ќе се изберат и ќе бидат на функциите седум или одум месеци, а потоа пак да има локални избори.

„Мислам дека не е во ред, а и спротивно е на Уставот, некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови со мандат од осум месеци. Сметаме дека тоа е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да стане можно“,
рече тој.
За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.
Според Изборниот законик, функцијата пратеник или министер е неспојлива со функцијата градоначалник и со член на совет во општина и Градот Скопје.
Законот за локална самоуправа, во случај кога престанува мандатот на градоначалникот, предвидува распишување предвремени локални избори во таа општина. Предвремените избори за членови на совет и за градоначалник нема да се спроведат ако до редовните избори има помалку од шест месеци, што не е случај сега бидејќи редовните локални избори треба да се одржат во октомври 2025 година.