Извори од Собранието за „360 степени“ велат дека иако продолжението на конститутивната седница официјално сè уште не е закажано, најави за утрешниот избор веќе има
Челното место на Талат Џафери во парламентот утре по втор пат ќе се официјализира. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по денешната седница на Централниот совет на партијата кажа дека изборот на ново-стариот претседател ќе се случи утре.
„Ова владеење е владеење на рамноправноста. Утре ќе го избереме претседателот на Собранието, нашиот пријател Талат Џафери, а потоа и нашите други пријатели, Артан Груби како прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими како министер за финансии, Бујар Османи за надворешни работи, Крешник Бектеши во Министерството за економија, Насер Нуредини во животната средина и останува да се договориме со коалиционите партнери за министер во Министерството за информатичко општество“,
рече Али Ахмети.
Извори од Собранието за „360 степени“ велат дека иако официјално не е закажана седница, најави за утрешниот избор веќе има.
Талат Џафери од ДУИ беше претседател на Собранието и во претходниот парламентарен состав, а во новиот состав како претседавач ја започна конститутивната седница, со верификација на мандатите на пратениците.
Новото парламентарно мнозинство го сочинуваат 62 пратеници и тоа коалицијата “Можеме”, предводена од СДСМ, со 46, ДУИ со 15 и еден од ДПА.
Од вечерва познат е и новиот владин состав, со исклучок на министерот за информатичко општество.