Тајванската компанија мораше да донесе одлука дали новиот објект ќе биде опремен за производство на чипови базирани на технологија од три нанометри бидејќи производството на побавните чипови од пет нанометри треба да започне пред да се отвори новиот објект
Тајванскиот производител на чипови ТСМЦ планира да произведе чипови базирани на технологија од три нанометри во нова фабрика во САД, изјави основачот на компанијата Морис Чанг. Главниот снабдувач на „Епл“, Taiwan Semiconductor Manufacturing (TSMC) гради фабрика вредна 12 милијарди долари во американската сојузна држава Аризона.
Тајванската компанија мораше да донесе одлука дали новиот објект ќе биде опремен за производство на чипови базирани на технологија од три нанометри бидејќи производството на побавните чипови од пет нанометри треба да започне пред да се отвори новиот објект.
Чиповите базирани на новата тринанометарска технологија (N3) бараат помалку простор и енергија, а се побрзи и поефикасни.
„ТСМЦ моментално има план во областа на технологијата од три нанометри, но тој сè уште не е завршен. Планот е блиску до завршување – објектот ќе биде на истата локација во Аризона, но ќе има втора фаза од проектот. Технологијата од пет нанометри ќе биде прва, а тринанометарската втора фаза“,
рече Чанг, кој се повлече од компанијата, но останува влијателен.
Од ТСМЦ не сакаа да ги коментираат овие информации. Компанијата ќе одржи свечено отворање за производство во Аризона на 6 декември.
Чанг рече дека заедно со клиентите и добавувачите на ТСМЦ, на церемонијата ќе присуствува и американската министерка за трговија Џина Раимондо. Поканет е и претседателот Џо Бајден, но не се знае дали ќе дојде, додаде тајванскиот бизнисмен.
Тајван доминира во глобалното производство на чипови кои се користат во широк спектар на производи, од мобилни телефони и автомобили, до борбени авиони. САД и Европа се обидуваат, пак, да привлечат производство со милијарди стимулации, забележува Ројтерс. Дури сега сфатија колку се важни чиповите, заклучи Чанг.
„Има многу љубоморни луѓе, љубоморни на одличното производство на чипови на Тајван. Многу луѓе, исто така, поради различни причини, без разлика дали тоа е националната безбедност или е профит, сакаат да направат повеќе чипови во нивните земји“,
рече тој.
На состаноците во АПЕК „многу земји ме прашаа дали можеме да дојдеме и да произведуваме чипови“, тврди основачот на тајванскиот гигант, без да прецизира кои земји, забележува Ројтерс.