По завршувањето на Самитот на НАТО, кој се одржа во главниот град на Турција, Анкара, турските медиуми објавија дека претседателот Реџеп Таип Ердоган на секој од лидерите на земјите членки на Алијансата им подарил по еден револвер со изгравирано име и со кутија муниција. Како што дознаваме, таков персонализиран подарок добила и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по Самитот на НАТО, кој се одржа во Анкара, на лидерите на земјите членки на Алијансата за збогум им подарил по еден необичен подарок – пиштоли и кутија со муниција. По информацијата што ја објавија турските медиуми, почнаа коментарите од кабинетите на лидерите на државите.
Портпаролот на германската влада изјави дека револверот на германскиот канцелар Фридрих Мерц е предаден на германската амбасада за да се спроведе постапка за законит увоз, а потоа да биде вклучен во збирката официјални подароци.
Британскиот премиер Кир Стармер претходно, за време на летот кон дома, на новинарите им изјави дека Ердоган на сите лидери на Самитот им го врачил истиот подарок, а секое оружје било гравирано со името на примателот. Стармер својот револвер го оставил во Турција за да биде спроведена законска транспортна постапка, иако Ердоган приложил документ со кој се откажува од извозните ограничувања. Увозот на оружје во Обединетото Кралство, всушност, би ги прекршил строгите британски закони за огнено оружје.
Како што дознаваме, персонализиран пиштол со гравирано име добила и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова која присуствуваше на Самитот. Од нејзиниот Кабинет за дел од домашните медиуми потврдија дека претседателката добила таков подарок и посочија дека оружјето ќе биде соодветно евидентирано и дека со него ќе се постапи според Законот за оружје.
