ДПА во Тетово се подготвува за стартот на кампањата за изборите.
Претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи денеска во Тетово изјави дека преферира да соработува со СДСМ а не и со ВМРО-ДПМНЕ. Во изјавата, тој индиректно ги нападна и ДУИ од каде засега не исклучуваат можност за соработка со било која партија, доколку се усогласат програмските цели.
„Секогаш сум директен, не изигрувам политички фолирант како моите политички опоненти кои велат дека за нас се прифатливи и овие и тие. Многу е јасен политичкиот речник, пристапот на премиерот, отвореноста на премиерот да се разговара за многу тешки теми. Неговата заслуга за ова што го деблокиравме интеграцискиот процес води кон спремноста ние да разговараме и понатаму со СДСM“,
изјави Мендух Тачи.
Тачи потоа ги нададна и ВМРО-ДПМНЕ, но и лидерот на партијата Христијан Мицкоски, дека му праќал посредници за да стапат во контакт.
„Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека им претстои многу голема битка со внатрешниот катарзис. Ми беше чудно кога нивниот лидер не напаѓаше пред два-три дена дека јас сум рекол вака или така. Значи, моите изјави ги превртуваше. Јас сум многу транспарентен и ќе дојде време, многу бргу, ќе кажам во јавноста какви посредници меѓународни и околу нас праќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да имаме некаков контакт“,
изјави Тачи.
Претседателот на ДПА одвои време и за останатите партии на Албанците во С. Македонија. Неговиот став не остави простор дека ДПА би била дел од некаква предизборна коалиција, а при што го нарече неговиот поранешен сопартиец а сегашен лидер на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, предавник.
Ова што вие го нарекувате албански блок, мислам дека тоа е анти-ДПА блок. Сите овие мали политички формации, почнувајќи од „Беса” па до тој нашиот предавник, создадени се политички да не уништат нас. Јас ја враќам пораката – исто така ќе се однесуваме – политички да ги уништиме. Нашата прва битка ќе биде со тие манипуланти кои во 2016 даваа придонес со факти и со аргументи ДУИ да ни остане на власт уште три години. Втората битка е против ДУИ и таа е политичка, коректна и морална битка затоа што тие се одговорни за сите недостатоци 17 години. Тоа ќе биде тешка битка. Иако некои сметаат дека тоа е битка помеѓу Голијат и Давид, но има во историјата случаи кога Давид го победи Голијат – рече Тачи
ДПА денеска во Тетово го формираше новото претседателство во пресрет на стартот на изборната кампања.