Министерот за надворешни работи и надворешна трговија изрази благодарност за принципиелната поддршка од Шпанија и ја потврди посветеноста на Владата кон спроведување на европските реформи
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари работна средба со Фернандо Мариано Сампедро Маркос, државен секретар за Европската Унија во Министерството за надворешни работи на Шпанија. Во фокусот на нивните разговори била европската интеграција на земјава, како и актуелните случувања поврзани со целокупниот процес на проширување на Унијата.

„Министерот Муцунски изрази благодарност за доследната и принципиелна поддршка од Шпанија за европската перспектива на земјата, како и за нејзината посветеност проширувањето да остане меѓу стратешките приоритети на Унијата“,
се вели во соопштението на МНР.
За време на разговорите, македонскиот министер ја потенцирал важноста од одржување блиска соработка и координација со Мадрид во пресрет на претстојните дискусии за иднината на европската политика на проширување и истакнал дека процесот на пристапување кон ЕУ мора да остане кредибилен, предвидлив, еднаков за сите и исклучиво заснован на заслуги. Муцунски изјавил и оти јасната крајна цел мора да биде полноправното членство, што треба да се одвива паралелно со унапредувањето на практичните форми на постепена интеграција.
„Воедно, тој го информира соговорникот за резултатите од спроведувањето на Реформската агенда и за посветеноста на Владата кон доследно спроведување на европските вредности и стандарди на национално ниво“,
велат оттаму.
Двајцата соговорници заеднички ја потврдиле неопходноста од натамошно продлабочување на билатералната соработка, како и важноста од зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување со цел забрзување на пристапниот процес на Македонија.
