Охриѓанецот вчера претпладне ја искршил таблата на која стоеше натписот „Цар Борис Трети“, а потоа сам се пријавил во Полициската станица во Охрид
Таблата поставена над просториите на новоотворениот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ ја искршил 47-годишен охриѓанец, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Според него, вчера бил извршен разговор со Г.И. (47) од Охрид, при што било констатирано дека тој е сторител на кривичното дело „оштетување“, извршено на рекламна табла со натпис „Цар Борис трети“ поставена над објектот од здружението лоцирано во трговскиот центар „Амам“ на булеварот „Македонски просветители“ во Охрид.
„Во врска со делото, предвидено во член 243 од Кривичниот законик, а во консултација со јавен обвинител, СВР Охрид до Здружението ќе испрати известување имајќи предвид дека согласно чл. 243 ст. 3 гонењето за делото се презема по приватна тужба“,
стои во информацијата на СВР Охрид.
Охриѓанецот вчера претпладне со земјоделска алатка ја искршил таблата на која стоеше натписот „Цар Борис Трети“, а потоа сам се пријавил во Полициската станица во Охрид.
Вториот бугарски културен клуб во земјава, „Цар Борис Трети“ беше отворен на 7 октомври во Охрид, а на денот на отворањето пред неговите простории се одржа протест инициран од политичката партија Левица, а беше поддржан и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Протестот помина во тензична атмосфера, а револтираните граѓани го изразија своето незадоволство против, според дел од нив, името на клубот.
На протестите не престануваше извикувањето „Фашисти, убијци, Татари“ кое беше упатено кон присутните на отворањето на клубот што се наоѓаа пред влезот на објектот.
Отворањето на бугарскиот клуб наиде на осуда не само од опозициските, туку и од структурите на власта.
Премиерот Димитар Ковачевски јавно го осуди отворањето на културниот центар под такво име додавајќи оти тоа е провокација која никому не носи добро.
По отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, претседателот на здружението, Томе Блажевски, кажа дека со отворањето на клубот немале намера никого да провоцираат, а дека здружението е отворено пред една година со сите документи, со целата почит кон државата, институциите и законите.