Генералниот директор на Светска здравствена организација Тедрос Адханом Гебреисус синоќа изјави дека СЗО предупредила на новиот коронавирус уште кон крајот на јануари, но оти нема мандат да ги принуди земјите да ги спроведуваат нејзините препораки.
„Светот требаше внимателно да ја слуша СЗО бидејќи светската криза почна на 30 јануари, кога надвор од Кина беа заразени 82 лица, а немаше починати“,
посочи Гебреисус.
Тој додаде дека СЗО на целиот свет му препорачала да се примени глобалниот пристап за јавното здравје.
„Кажавме дека треба да се идентификуваат заболените, да се тестираат, да се изолираат и да се открие со кого биле во контакт. Земјите што ги послушаа таквите препораки се во подобра ситуација. Тоа е факт што покажува колку е важно да се слушаат препораките на СЗО“,
наведе Гебреисус.
Тој додаде дека СЗО ќе продолжи да дава препораки единствено засновани врз науката и доказите, но дека на секоја останува дали ќе ги применува.
СЗО се најде под засилени критики од повеќе земји, но посебно од САД дека не реагирала навреме што придонело за ширење на коронавирусот.
*Поврзана вест: Политико: Ковид-19 и критиките на Трамп – каде погрешија Кина и СЗО?
Првата забелешка е дека калкулирала со прогласувањето пандемија, а потоа и дека слепо верувала на податоците што ги презентирала Кина, која е изворот на заразата, а за која САД тврдат дека ги криела вистинските податоци и за заболени и за починати.
Поради тоа, САД привремено го прекинуваат финансирањето на оваа организација.
СЗО ги отфрли обвинувањата и тврди дека ништо не криеле од која било држава, посочувајќи дека во СЗО од јануари годинава има околу 15 експерти на Американскиот центар за контрола на болестите (ЦДЦ) распоредени во Агенцијата на Обединети нации.
