Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека можеби никогаш нема да има сигурен лек за коронавирусот, иако сите се надеваат на спасоносна вакцина против вирусот со кој се заразија десетици милиони луѓе.
„Во моментов немаме конечно решение за вирусот и можеби никогаш нема ни да има“,
предупреди генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Гебрејесус и директорот на СЗО за итни програми, Мајк Рајан, ги повикаа сите нации строго да ги спроведат здравствените мерки како што се носење маски, физичко растојание, миење раце и тестирање.
Рајан рече дека земјите со висок степен на трансмисија, меѓу кои се и Бразил и Индија, треба да водат голема битка истакнувајќи дека излезот е долгорочна и постојана посветеност.
Претставниците на СЗО изјавија дека нивниот тим за истражување, кој бил испратен во Кина од каде потекнува вирусот, сè уште не се вратил.