Од Светската здравствена организација предупредуваат дека ситуацијата е особено загрижувачка за речиси 1,5 милиони раселени луѓе низ Газа, особено оние што живеат во пренаселените засолништа со слаб пристап до хигиенски објекти и безбедна вода, што го зголемува ризикот од пренос на заразни болести
Појасот Газа се соочува со зголемен ризик од ширење на болести поради израелските воздушни напади кои го нарушија здравствениот систем, пристапот до чиста вода и предизвикаа толпа луѓе да се кријат во засолништата, предупредува Светската здравствена организација (СЗО).
„Бројот на загинати и повредени во Газа продолжува да расте поради нападите, пренатрупаноста на здравствените установи, нарушените водоводни и санитарни системи кои претставуваат дополнителна опасност за брзо ширење на заразните болести“,
соопштуваат од СЗО.
Во соопштението од СЗО се наведува дека веќе се појавуваат некои загрижувачки трендови.
Недостигот на гориво во густо населената енклава, според СЗО, предизвика затворање на постројката за прочистување на водата и со тоа го зголеми ризикот од бактериски инфекции како што е ширењето на дијарејата. СЗО соопшти дека од средината на октомври биле пријавени повеќе од 33 551 случаи на дијареја, од кои повеќето се деца на возраст под пет години.
„Бројот на заразени деца значително е зголемен во споредба со просечните 2 000 случаи месечно во таа возрасна група во текот на 2021 и 2022 година. Покрај тоа има и 8 944 случаи на шуга и вошки, 1 005 случаи на варичела, 12 635 случаи на осип на кожата и пријавени се и 54 866 случаи на инфекции на горните дишни патишта“,
се наведува во соопштението од СЗО.
Според СЗО, недостигот на гориво, исто така, го има нарушено и собирањето на цврстиот отпад, со тоа создавајќи „средина погодна за брзо и широко распространето размножување на инсектите, како и глодари, кои можат да пренесуваат болести“.
Од Светската здравствена организација предупредуваат дека ситуацијата е особено загрижувачка за речиси 1,5 милиони раселени луѓе низ Газа, особено оние што живеат во пренаселените засолништа со слаб пристап до хигиенски објекти и безбедна вода, што го зголемува ризикот од пренос на заразни болести. Во соопштението се додава дека УНРВА, СЗО и Министерството за здравство го зголемуваат системот за надзор на болести во многу од овие засолништа и здравствени установи, но сепак според нив тековните трендови на болестите се многу загрижувачки.
„Бидејќи луѓето се соочуваат со недостиг на храна, а и поради постуденото време, тие ќе бидат уште поподложни на заразни болести. Ова е особено загрижувачко за повеќе од 50 илјади бремени жени и приближно 337 илјади деца кои се под пет години во моментов во Газа“,
велат од СЗО.
СЗО повикува на итен, забрзан пристап до хуманитарна помош, вклучувајќи гориво, вода, храна и медицински материјали, во и низ Појасот Газа.
„Сите страни во конфликтот мора да се придржуваат до нивните обврски според меѓународното хуманитарно право за заштита на цивилите и цивилната инфраструктура, вклучително и здравствената заштита. Повикуваме на безусловно ослободување на сите заложници и хуманитарен прекин на огнот за да се спречи понатамошна смрт и страдање“,
се додава во соопштението од СЗО.