Првиот човек на СЗО предупредува дека овој вирус лесно се шири и ублажувањето на рестрикциите без контрола е рецепт за катастрофа
Земјите каде има значително ширење на коронавирусот мора да бидат внимателни со организирањето потенцијално опасни настани бидејќи ако вирусот не е под контрола тоа може да биде „рецепт за катастрофа“, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), пренесува „Ројтерс“.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, посочил дека многу луѓе се уморни од рестрикциите и сакаат да се вратат во нормала по осум месеци од почетокот на пандемијата, а порачал и дека СЗО ги поддржува повторното „отворање“ на економиите и општествата.
„Сакаме да видиме како децата се враќаат во училиштата, а луѓето на своите работни места, но сакаме да видиме и дека тоа се прави безбедно“,
изјави Тедрос.
Тој на прес-конференцијата порачал дека ниту една земја не смее да се преправа дека пандемијата со ковид-19 е завршена.
„Реалноста е дека овој вирус лесно се шири и ублажувањето на рестрикциите без контрола е рецепт за катастрофа“,
рекол првиот човек на СЗО.
Според него, брановите на драстично зголемување на новозаболени се поврзани со собири на стадиони, ноќни клубови и др.