Светската здравствена организација (СЗО) засега е без став за прашањето дали треба трета доза вакцина против ковид-19 за одржување на заштитата од коронавирусот, јави Гардијан.
„Не знаеме дали ќе бидат потребни засилувачки вакцини за да се одржи заштитата од Ковид-19 се додека не се соберат повеќе податоци, но ова прашање го решаваат истражувачите. Достапни се ограничени податоци за тоа колку трае заштитата со сегашните дози на вакцина против Ковид-19 и дали дополнителна засилена доза би била корисна и за кого“,
соопшти СЗО како одговор на прашање на Ројтерс.
Во изјава испратена до Си-Ен-Ен, „Фајзер/Бионтек“ соопшти дека имунитетот на луѓето почнал да слабее шест месеци откако биле вакцинирани.
„Фајзер/Бионтек“ вчера соопштија дека планираат да побараат од американските и европските регулатори да одобрат довакцинација со трета доза, врз основа на докази за зголемен ризик од зараза шест месеци по вакцинацијата и поради ширењето на делта-сојот на вирусот, која прво беше идентификуван во Индија.
Директорот на одделот за истражување и развој на „Фајзер“, Микаел Долстон изјави дека првичните податоци од студиите на компанијата покажуваат дека трета засилувачка доза генерирала нивоа на антитела кои биле пет до десет пати поголеми отколку по втората доза, што сугерира дека третата доза ќе понуди ветувачка заштита.
Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) и Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во заедничката изјава ја отфрлија изјавата на „Фајзер“ и истакнаа дека на Американците кои се целосно вакцинирани, не им треба засилувач.