Европската агенција за лекови (ЕМА) ја утврди можната поврзаност меѓу ретките срцеви заболувања и мРНА вакцината на „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“, а препорача луѓето со ретки крвни нарушувања да не се вакцинираат со вакцината на „Џонсон и Џонсон“.
Срцевите проблеми миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) и перикардитис (воспаление на срцевата обвивка) мора да бидат наведени како можни несакани ефекти на двете мРНА вакцини,
соопшти денеска Одборот за безбедност на Европската агенција за лекови.
Таквите случаи се случиле во рок од 14 дена по вакцинирањето, почесто по втората доза и кај млади возрасни мажи, наведува ЕМА. Ова се совпаѓа со наодите на американските здравствени власти објавени минатиот месец.
Панелот на ЕМА исто така истакна дека луѓето со синдром на истекување на капиларите (ЦЛС) не треба да се вакцинираат со вакцината на „Џонсон и Џонсон“.
Во јуни, ЕМА побара ЦЛС да се додаде на списокот на несакани ефекти од вакцината на „Астра Зенека“.
Европската агенција за лекови исто така соопшти дека е премногу рано да се знае дали ќе бидат потребни повеќе од две дози вакцина против Ковид-19. Се смета дека засега се доволни две дози.
„Фајзер/Бионтек“ вчера соопштија дека планираат да побараат од американските и европските регулатори да одобрат довакцинација со трета доза, врз основа на докази за зголемен ризик од зараза шест месеци по вакцинацијата и поради ширењето на делта-сојот на вирусот, кој прво беше идентификуван во Индија.