Првиот човек на светската организација нагласи дека ова не е заплашување, туку повик за акција за спречување
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, предупреди дека ковид-19 не е последната пандемија и повика на политички и финансиски инвестиции за спречување пандемии.
Тој, на презентацијата на извештајот на Советот за следење на глобалната подготвеност (ГПМБ) за 2020 година, рече дека ова нема да биде последна пандемија или последна глобална здравствена криза.
„Не знаеме каква ќе биде следната здравствена криза, но знаеме дека ќе дојде. И мора да бидеме подготвени“,
нагласи тој, објаснувајќи дека ова не е заплашување, туку повик за акција.
Неговиот говор уследи откако беа потврдени повеќе од 29 милиони заразени со коронавирус и повеќе од 924 953 смртни случаи како последица на ковид-19.
Советот за следење на глобалната подготвеност е независно тело за мониторинг чија цел е обезбедување подготвеност на глобални здравствени кризи.
СЗО соопшти дека вчера се регистрирани 307 930 новозаболени лица со ковид-19, што е рекорден број за еден ден.
Најголем пораст на заразени лица и натаму има во Индија, САД и Бразил.