Директорот на организацијата Тедрос Аданом Гебрејесус ја најави кампањата за вакцинација поради тоа што во палестинската енклава која е разурната од војната со Израел, биле пронајдени знаци на болеста
Околу 600 000 деца помлади од осум години во Појасот Газа ќе бидат вакцинирани против детска парализа, најави Светската здравствена организација. Временската рамка се уште не е докрај утврдена во однос на тоа кога мобилните тимови на СЗО би започнале со кампањата во Газа, но оттаму ги повикаа двете завојувани страни да го прекинат огнот за да може да се осигура безбедноста на здравствените работници на организацијата.
„Потребна ни е апсолутна слобода на движење за здравствените работници и медицинската опрема за безбедно и ефикасно извршување на овие сложени операции. Неопходен е прекин на огнот или барем неколкудневно затишје за време на подготовката и спроведувањето на кампањите за вакцинација за да се заштитат децата од Газа од полио“,
изјави Гебрејесус.
СЗО побара и прекин на непријателствата за да може да се осигура дека вакцините ќе бидат успешно складирани и транспортирани. Организацијата започнува со кампањата на вакцинација оти во последните неколку недели во канализацијата во Појасот Газа е забележан вирусот полиомиелитис кој се пренесува преку фекално-орален пат.
Иако за сега сè уште нема потврдени случаи, СЗО стравува дека во услови на целосен колапс на здравствените системи во Газа, болеста би можела да се шири незабележано и неконтролирано.
Во тешки случаи, детската парализа, позната и како полио, може да доведе до парализа или смрт. Болеста е во голема мера искоренета во многу делови од светот.