Претседателот на САД во честитката до новиот папа, изјави дека е голема чест да се дознае дека тој е првиот американски папа
Светските лидери денес му честитаа на новоизбраниот поглавар на Католичката црква, Лав Четиринаесетти, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин, израелскиот и францускиот претседател, како и украинскиот лидер Володимир Зеленски.
Претседателот на САД во честитката до новиот папа, изјави дека е голема чест да се дознае дека тој е првиот американски папа.
„Колкаво возбудување и голема чест за нашата земја. Со нетрпение очекувам да се сретнам со папата Лав Четиринаесетти. Тоа ќе биде многу значаен момент!“,
напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут сошал.

Рускиот претседател Владимир Путин во својата честитка изрази верување дека конструктивната соработка меѓу Москва и Ватикан ќе продолжи.
„Убеден сум дека конструктивниот дијалог и интеракцијата воспоставена меѓу Русија и Ватикан ќе продолжат да се развиваат врз основа на христијанските вредности што нè обединуваат“,
напиша Путин во честитка објавена од Кремљ.
„Се стремиме да ги зајакнеме односите меѓу Израел и Светата Столица“
Израелскиот претседател Исак Херцог изрази надеж за посилни врски меѓу неговата земја и Светата Столица по изборот на нов папа.
„Се стремиме да ги зајакнеме односите меѓу Израел и Светата Столица, како и пријателството меѓу Евреите и христијаните во Светата Земја и низ целиот свет“,
се вели во пораката.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика новиот понтификат да донесе мир и надеж додека Европа ја одбележува 80-годишнината од крајот на Втората светска војна и испрати братска порака до папата Лав Четиринаесетти и сите католици во Франција и низ целиот свет.
Во својата порака, Макрон го поздрави историскиот момент за Католичката црква и нејзините милиони верници по изборот на Американецот Роберт Франсис Превост, првиот папа од Соединетите Американски Држави во историјата.
Мелони: Неговиот говор е моќен повик за мир
Новиот германски канцелар Фридрих Мерц му честиташе на папата Лав Четиринаесетти веднаш по неговиот избор.
„Со преземањето на вашата нова функција, им давате надеж и водство на милиони верници низ целиот свет во овие тешки времиња“,
се вели во неговото соопштение за медиумите.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека со нетрпение очекува да соработува со новиот поглавар на Католичката црква.
„Изборот на папата Лав XIV е момент на длабока радост за католиците во Велика Британија и низ целиот свет“,
рече тој.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го поздрави говорот на папата Лав Четиринаесетти, велејќи дека тоа е моќен повик за мир, братство и одговорност.
„Нека понтификатот придонесе за зајакнување на дијалогот“
Шпанскиот премиер, социјалистот Педро Санчез, изрази надеж дека Американецот Роберт Франсис Превост, новоизбраниот папа Лав Четиринаесетти, ќе успее да придонесе за зајакнување на одбраната на човековите права.
„Нека неговиот понтификат придонесе за зајакнување на дијалогот и одбраната на човековите права во свет на кој му се потребни и надеж и единство“,
напиша Санчез на Икс неколку минути по објавувањето на изборот на новиот Свети Отец.
Кратко по изборот, полскиот претседател Анджеј Дуда, исто така, му честиташе на новиот папа, велејќи му дека неговата традиционално католичка земја е подготвена да ги зајакне своите уникатни врски со Црквата.
„Република Полска е подготвена дополнително да ги зајакне овие уникатни врски, во име на споделените вредности, во име на одговорноста за општото добро и во име на зајакнувањето на светскиот мир“,
напиша Дуда.