Осуда за настанот денеска има и од македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој во објава на Фејсбук обидот за атентат врз Трамп го нарекува кукавички

Осуда за обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија, денеска има од светските лидери, како и од американски државници.
Претседателот на САД, Џо Бајден, вели дека е благодарен што Трамп е безбеден и се чувствува добро и додава дека во Америка нема место за вакво насилство.
Американската потпретседателка Камала Харис, осудувајќи го нападот, вели дека ѝ е благодарна на Тајната служба на САД и додава дека во земјата нема место за насилство.
Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, вели дека е информиран од органите на прогонот и продолжува да ги следи случувањата. Според него, за ваков ужасен чин на политичко насилство на мирен предизборен митинг нема место во земјата и треба едногласно и насилно да се осуди.
Осуда за настанот денеска има и од македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој во објава на Фејсбук обидот за атентат врз Трамп го нарекува кукавички.
„Во овие моменти на тага, шок и загриженост на американскиот народ, како претседател на Владата, упатувам изразувам осуда за кукавичкиот обид за атентат врз претседателот Доналд Трамп. Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо закрепнување и заздравување. Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ“,
наведува Мицкоски во објавата на Фејсбук.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш недвосмислено го осудува овој чин на политичко насилство. Портпаролот на шефот на ОН изјави дека Гутереш ги испраќа своите најдобри желби до претседателот Трамп за брзо закрепнување.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, обидот за атентат врз Трамп го оцени како „драма за нашите демократии“ и му посака брзо закрепнување на поранешниот американски претседател.
„Франција го споделува шокот и гневот на американскиот народ“,
истакна Макрон.
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, изрази солидарност со Трамп и повика дијалогот и одговорноста да надвладеат над омразата и насилството.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е ужаснат од шокантните сцени на митингот на Трамп во Пенсилванија, при што поранешниот претседател е повреден во десното уво.
„Политичкото насилство во која било форма нема место во нашите општества и моите мисли се со сите жртви на овој напад“,
напиша Стармер на мрежата Икс.
Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеј, за обидот за атентат врз Трамп ја обвини „меѓународната левица и нејзината ужасна идеологија“.
Обидот за атентат го осуди и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакнувајќи оти треба да престане лудилото на омразата што се шират низ светот.
И премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, го осуди обидот за атентат врз поранешниот американски претседател посочувајќи оти политичкото насилство е најголемата опасност за демократијата.