Гутереш ги охрабри светските лидери да ја искористат можноста на „Самитот на иднината“ што ќе се одржи во септември во Њујорк на маргините на годишното Генерално собрание на ОН за да го обликуваат мултилатерализмот во годините што доаѓаат
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш вчера (7 фавруари) предупреди дека светот влегува во ера на хаос, изразувајќи загриженост за длабоките поделби во Советот за безбедност на ОН кој, како што рече, не може да ги реши критичните прашања како што е војната во Појасот Газа, пренесуваат светските агенции.

Говорејќи на Генералното собрание на ОН, на денот кога војната на Блискиот Исток влегува во својот петти месеци, Гутереш рече дека е особено вознемирен од извештаите дека следниот фокус на израелската војска ќе биде градот Рафах на југот на Газа во војната против екстремистичката палестинска група Хамас.
„Таква акција експоненцијално ќе го зголеми она што веќе е хуманитарен кошмар со неописливи регионални последици“,
рече Гутереш.
Израелските сили во својата кампања за уништување на Хамас немилосрдно го бомбардираа Појасот Газа и започнаа компнена инвазија по нападот на Хамас на јужен Израел на 7 октомври.
„Време е за итен хуманитарен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници“,
рече Гутереш на Генералното собрание, претставувајќи ги своите приоритети за 2024 година.
Во неговиот говор тој повика на промени во Советот за безбедност и меѓународниот финансиски систем, посочувајќи го самитот на ОН во септември како можност за решавање на проблемите со кои се соочува светската организација, а кои се, како што кажа, сè подлабоки и поопасни.
„Советот за безбедност на Обединетите нации – примарна платформа за глобалните мировни прашања – е во ќорсокак поради геополитичките поделби. Ова не е првпат Советот да биде поделен – но е најлош. Денешната нефункционалност е подлабока и поопасна“,
рече генералниот секретар на светската организација.
Today’s financial architecture is outdated, dysfunctional & unfair.
— António Guterres (@antonioguterres) February 7, 2024
It favours the rich countries that designed it nearly 80 years ago.
We must keep working for deep reforms to make financial institutions and frameworks truly universal and inclusive. pic.twitter.com/IA3j2mLYZM
Тој рече дека во денешниот мултиполарен свет не постојат механизми како за време на Студената војна за управување на односите на суперсилите.
„Нашиот свет влегува во ера на хаос… опасен и непредвидлив, каде што секој прави што сака целосно неказнето“,
предупреди тој,
Гутереш ги охрабри светските лидери да ја искористат можноста на „Самитот на иднината“ што ќе се одржи во септември во Њујорк на маргините на годишното Генерално собрание ОН за да го обликуваат мултилатерализмот во годините што доаѓаат.
Генералниот секретар на ОН, кој го постави справувањето со климатските промени како приоритет откако ја презеде функцијата во 2017 година, повтори дека кризата „останува одлучувачки предизвик на нашето време“ и го повика човештвото „да склучи мир со планетата“.
„Човештвото води војна која можеме само да ја изгубиме – нашата војна со природата. Треба да си луд за да избереш таква борба“,
рече Гутереш.