Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 19.385.292 лица. Од нив починале 720.053, а оздравеле 12.445.324 луѓе.
Од балканските земји во последните 24 часа во Србија се потврдени 276 нови случаи на коронавирус, врз основа на 9.922 тестирани примероци, а починаа уште пет лица.
Во последните 24 часа, од 463 тестирани лица, во Косово се регистрирани 181 нови случаи на коронавирус, а три лица починаа, објави Националниот институт за јавно здравје на Косово. Во истиот период се регистрирани 125 оздравени пациенти.
Во Босна и Херцеговина во последните 24 часа се регистрирани 282 нови случаи на коронавирус, а починаа девет лица. Од вкупно 282 нови случаи, 198 се во БиХ, а 84 во Република Српска. Од починатите, петмина се од БиХ, а четворица од Република Српска. Во БиХ вирусот досега е потврден кај 8.026 лица, а починале 190 пациенти. Досега се потврдени 5.429 случаи на коронавирус во Република Српска, а починале 191 лице.
Во Хрватска во изминатите 24 часа се потврдени 62 нови случаи на заразени со што бројот на активни случаи се зголеми на 553, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита. Од почетокот на епидемијата се регистрирани 5.466 случаи на коронавирус, а 155 лица починале. До денеска тестирани се вкупно 126.410 примероци.
Во последните 24 часа во Словенија беа потврдени 10 нови случаи на коронавирус, врз основа на 753 тестирани примероци. Во таа земја има 181 активен случај. Во изминатиот ден немаше смртни случаи, така што вкупниот број на смртни случаи остана 125, додека 2.233 лица се заразени од почетокот на епидемијата.
Во светот и натаму најмногу случаи има во САД. Таму бројот на смртни случаи денеска надмина 160.000 што е речиси четвртина од бројот на жртви во светот, додека во земјата се дебатира дали да се отворат училиштата во наредните недели. САД вкупно има 160.003 смртни случаи и 4,91 милиони заразени луѓе.