Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Рекет“ каде што обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева. Од денеска настапува одбраната со своите докази, а први на листата се сведоците предложени од првообвинетиот Јовановски.
Неговиот адвокат, Сашко Дуковски, во вторникот посочи дека од денеска ќе почнат со испрашување на сведоци кои тие ги предлагаат, но не сакаше да споменува имиња кои ќе бидат првите повикани.
Според првичните најави, за денеска е предвидено да биде сослушан само еден сведок.
На минатото рочиште се заврши со изведување на материјалните докази кои ги предлагаше обвинителството. Последни се гледаа снимки во траење од 2 часа и 10 минути кои се наоѓаат на УСБ кое го предал Зоран Милески-Кичеец, кој исто така беше обвинет, но призна вина и доби затворска казна од три години.
Станува збор за аудиоматеријал кој обвинителката Вилма Русковска првично сакаше да го повлече од листата на докази зашто, како што беше кажано, не е релевантен за предметот, но потоа се премисли и, како што рече, во интерес на јавноста, предложи и тие снимки да бидат изведени. И покрај очекувањата дека ќе се слушаат јавно, таа на минатото рочиште побара новинарите и останатата јавност да се исклучат бидејќи се споменуваат лица што не се поврзани со случајот и нивниот углед може да се наруши.
На тоа се противеа и адвокатите и обвинетите Јовановски и Јанева, но судечкиот совет, сепак, донесе одлука јавноста да биде исклучена.
Во „Рекет“ Јовановски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.