Член на ВМРО-ДПМНЕ, вработен во Јавното претпријатие „Државни патишта“, денеска беше вториот сведок во случајот за организацијата на случувањата од 27 април. Тој рече дека 10-15 пати учествувал на протестите организирани од здружението „За заедничка Македонија“.
Нагласи дека биле координирани преку вибер-група, каде што добивале насоки кога и во колку часот да се собираат за протести, но им било нагласувано да бидат мирни и достоинствени.
На прашањето кој им давал насоки, тој рече: „Некои поглавни од мене“, потенцирајќи дека тој не е во повисоките кругови за да знае за кого се работи.
„На 27 не бев присутен на протестот, дојдов дополнително откако се случи упадот во Собранието. Влегов во делот каде што се одржуваат седници, стоев таму додека не кажаа дека пратениците од новото мнозинство се собрани во друга просторија. Бидејќи беше топло, сакав да си одам, зашто веќе бев присутен таму, ме видоа луѓе. Кога си одев, рекоа дека некои може да одат таму каде што се пратениците, а други да останат во пленарната сала“,
рече сведокот.
Бидејќи не знаел како да излезе, тој рече дека случајно отишол во прес-салата каде што биле пратениците.
На прашањето кој е тој што требало да го види дека е присутен во Собранието, сведокот одговори дека имало луѓе од партијата кои му помогнале од инкасатор да се врати да работи во дирекција и дека во Собранието влегол за да биде виден и за да се заблагодари, но и бидејќи ги поддржувал протестите.
Тој сведочеше дека не знае дали ВМРО-ДПМНЕ го организирала протестите, но знае дека партијата јавно ги поддржувала.
И ова сведочење, како и тоа на Оливер Спасовски претходно, траеше кратко.
Следното рочиште ќе се одржи в петок, кога ќе сведочи пратеникот Весел Мемеди и Стефан Младеновски, кој беше обвинет во претходниот случај за 27 април, но потоа доби амнестија.
Обвинети за организацијата на случувањата од 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.