„Тие никогаш не беа ставени во употреба за потребите на ‘Државна лотарија‘. Од страна на надлежниот сектор беа доставени барања до УЈП и Министерството за финансии, но бидејќи апаратите сè уште се во магацините, не можам да кажам во кој дел сме добиле позитивни или негативни решенија за пуштање во употреба“, изјави денеска сведокот Александар Андонов, кој бил член на петчлената комисија што ја спровела јавната набавка
Набавката на ВЛТ-терминалите во АД „Државна лотарија“ била предвидена во планот за јавни набавки и спроведена врз основа на претходно донесени одлуки на органите на управување, а набавените апарати никогаш не биле ставени во употреба, изјави денеска сведокот Александар Андонов, кој бил член на петчлената комисија што ја спровела јавната набавка, на судењето за предметот „Државна лотарија“.

Андонов, кој во моментов е директор на Секторот за спречување перење пари и финансирање тероризам во „Државна лотарија“ денеска сведочеше дека како член на комисија составена од пет члена учествувал во постапката за набавка на ВЛТ-терминалите, но дека комисијата постапувала по претходно донесени одлуки.
„Ние како комисија постапувавме по претходно веќе донесени одлуки. Истата требаше да биде и беше предвидена во планот за јавни набавки“,
рече тој.
Посочи дека планот за јавни набавки го донесува Управниот одбор, додека финансискиот план претходно го одобрува Надзорниот одбор, а потоа се доставува на разгледување до Владата како единствен акционер на „Државна лотарија“.
Според сведокот, пред започнувањето на јавната набавка била спроведена претходна постапка за утврдување на законитоста и оправданоста на набавката. Потоа била донесена одлука за јавна набавка и била формирана комисија која постапката ја спровела преку Електронскиот систем за јавни набавки.
На тендерот биле доставени три понуди, по што била направена проверка на формално-правните и техничките услови и била донесена одлука за избор на најповолни понудувачи.
Тој сведочеше и дека по изборот на понудувачите и склучувањето на рамковните спогодби, јавната набавка била предмет на управна контрола од Бирото за јавни набавки.
Во однос на набавените ВЛТ-терминали, рече дека тие никогаш не биле ставени во функција и сè уште се наоѓаат во магацините на Државна лотарија.
„Тие никогаш не беа ставени во употреба за потребите на ‘Државна лотарија‘. Од страна на надлежниот сектор беа доставени барања до УЈП и Министерството за финансии, но бидејќи апаратите сè уште се во магацините, не можам да кажам во кој дел сме добиле позитивни или негативни решенија за пуштање во употреба“,
кажа Андонов.
Додаде дека не може да каже зошто терминалите не биле ставени во употреба, бидејќи решенијата ги носат надлежните институции.
На прашања од одбраната на Перпарим Бајрами, Андонов рече дека не може точно да се сети дали за набавката постоела целокупната документација, но посочи дека постапката завршила со склучување договор.
„Не можам да се сетам точно, штом постапката е завршена и стигнала до договор, бараните документи биле доставени, а во однос на техничкиот дел, дали се исполнети тогаш не можам да кажам“,
додаде тој
Во делот што се однесуваше на финансискиот план, тој не се согласи со тезата дека документот се носи само еднаш годишно и потоа не се менува.
„Не се сложувам, затоа што во текот на годината се прават измени на финансискиот план, и тие измени се веќе согласно начинот, целите и политиката на органите на управување во Државна лотарија“,
кажа сведокот.
На прашања од одбраната на Бојан Јанев дали во подготовката на набавката биле прибавени правно мислење и физибилити студија, Андонов рече дека не е запознаен.
„Не сум запознаен со тоа бидејќи ние како комисија само ги прегледувавме понудите“,
одговори Андонов.
Потврди дека сите набавени ВЛТ-апарати биле наменети за електронски игри на среќа.
Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596 125 511 денари. Сите обвинети претходно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Судењето продолжува на 20 октомври.
