Ова следува откако скопското Основно јавно обвинителство, по спроведена акција од страна на Управата за финансиска полиција, отвори истражна постапка против директорката и шефицата за финансии во „Државна лотарија“
Мерка притвор и куќен притвор добија директорката и шефицата за финансии во АД „Државна лотарија“, осомничени дека сториле проневера во службата на околу 80 милиони денари, односно околу 1,3 милиони евра, сооопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Ова следува откако скопското Основно јавно обвинителство, по спроведена акција од страна на Управата за финансиска полиција, отвори истражна постапка против директорка и шефица за финансии во „Државна лотарија“.
Според Обвинителството, двете осомничени делото го извршиле во текот на 2024 година, со намера за себе да прибават противправна имотна корист.
Во описот за случајот се вели дека тие, целокупниот дневен промет за 2024 година што им бил доверен од продажните места, не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе и на тој начин присвоиле пари доверени во службата во висина од 1,3 милиони евра.
„Во текот на цела 2024 година, првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија на Република Северна Македонија, вршејќи ги нивните посебни овластувања и должности определени со закон, заедно учествувале во дејствија на извршување на кривичното дело проневера со намера да прибават за себе противправна имотна корист“,
велат од Обвинителството.
Осомничените, како што се наведува, присвоиле износ од 79 989 444 денари, пари што им биле доверени во службата.
Надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судија на поретходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, на двете осомничени да им биде одредена мерка притвор.
