Мерката се спроведува преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, а износот на секој корисник се утврдува според површините и културите пријавени во барањата за директни плаќања во 2025 година. Помошта се движи од 3 200 до 12 000 денари по хектар
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ја започна распределбата на картичките за зелена нафта на земјоделците која, како што изјави ресорниот министер Борче Серафимовски, доаѓа во момент кога земјоделците се соочени со трошоци во пресрет на есенската обработка на нивите и сеидбата.

За мерката се обезбедени 48 037 картички во вредност од 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра.
„Финансиската поддршка започна да стигнува до земјоделците во период кога имаат потреба за вложување во есенската подготовка на почвата, за купување на семенски материјал и ѓубрива, како и за одржување на механизацијата. Приходите од родот доаѓаат подоцна, а трошоците се прават сега. Затоа, зелената нафта има непосредна практична вредност за секој земјоделец во државата“,
изјави денеска министерот за земјоделство.
Мерката се спроведува преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, а износот на секој корисник се утврдува според површините и културите пријавени во барањата за директни плаќања во 2025 година. Помошта се движи од 3 200 до 12 000 денари по хектар.
„За пченица, јачмен, пченка, ориз и другите култури во таа група изнесува 3 200 денари по хектар. За сончоглед, маслодајна репка, луцерка и останатите култури во соодветната категорија е 4 800 денари по хектар. За градинарските култури опфатени со мерката и за лозови насади се предвидени 9 600 денари по хектар. За јаболка, круша, слива, праска и другите овошни култури во оваа група износот е 12 000 денари, а за дуња, калинка, бадем, лешник и останатите култури во нивната категорија 8 800 денари. За тутунот помошта е 11 000 денари, а за оревите и питомите костени 6 000 денари по хектар“,
изјави Серафимовски.
Утринава се поделени првите картички во Свети Николе и во Битола.
