Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Таргет-Тврдина“, но рочиштето ќе биде затворена за јавноста, од причина што ќе сведочат вработени од поранешната УБК. Застапниците на обвинението изјавија дека и следните рочишта ќе бидат затворени за јавноста токму од оваа причина.
Јавноста не беше присутна и на сведочењето на претходниот сведок, исто така, вработен во УБК.
Предметот е во фаза на испрашување сведоци. Досега во оваа постапка имаат сведочено „свиркачите“ Звонко Костовски и Ѓорѓи Костовски, поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, поранешниот премиер Зоран Заев и други поранешни и актуелни вработени во УБК.
Обвинети во овој предмет за нелегално прислушување се Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Гордана Јанкуловска, поранешна министерка за внатрешни работи и други лица од УБК.
Предметот го води судечки совет составен од судиите Џенета Бегтовиќ, Владимир Туфегџиќ и тројца поротници.
Обвинението е застапувано од обвинителите Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Ленче Ристовска.