Откако Уставниот суд вчера одлучи да донесе времена мерка со која го укина мораториумот за градба во Општина Центар, советничката Јана Белчева-Андреевска предлага општинскиот совет да ги суспендира деталните урбанистички планови.
Таква можност, вели Белчева, нуди новиот Закон за урбанистичко планирање во членот 23, кој предвидува дека може да се донесе одлука за суспензија врз основа на стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, кој е изработен од Комисијата за урбанизам. А стручен елаборат, нагласува Белчева-Андреевска, веќе има.
За ова правно решение, советничката покрена иницијатива со писмен допис до Советот и до градоначалникот на Општина Центар.
„Тоа што новиот Закон за урбанистичко планирање пропишува суспензија, односно семантичка замена за зборот мораториум не е доказ за незаконитост/неуставност на одлуката донесена по стариот закон. Напротив, ја докажува правната издржаност на одлуката која со претходниот закон само не била пропишана како сега, но не била ниту забранета (а сè што не е забрането е дозволено). Општина Центар може да се гордее со претходната одлука која очигледно била инспирација за законодавецот при изработка на новиот Закон за урбанистичко планирање“,
пишува Белчева-Андреевска во дописот.
Суспендирањето на урбанистичките планови, нагласува таа, е со цел да се заштити постојната сопственост и да се создадат хумани услови за живее на граѓаните.
„Со тоа, општината ќе направи нов обид за остварување на уставните начела за хуманизација на просторот, здрава животна средина и правото на здравје со што се овозможува остварување на позитивната обврска и се балансираат компетитивните интереси во општеството. Инаку, позитивната обврска за државата е од особено значење бидејќи тоа е регулирано и со Европската конвенција за човекови права и дополнително разработено во праксата на Европскиот суд“,
вели Белчева-Андреевска.
Вчерашната одлука на Уставниот суд да го укине мораториумот е времена, но го отвора патот за градење, односно ја укинува забраната за градење сè додека понатаму не се произнесе дали мораториумот бил согласно Уставот или не.
Ваквата одлука на Уставен, советничката смета дека е на штета на граѓаните, на Општина Центар, но и на градот и на државата, затоа што со неа уставните судии не застанале во одбрана на темелните вредности загарантирани со Уставот, како што се правото на здрав живот, хуман и рамномерен развој на просторот, одржливост во планирањето на просторот и искористување на ресурсите.