Од Јавното обвинителство на РСМ за „360 степени“ велат дека таму веќе функционира петчлена комисија која ги води сите дисциплиски постапки против јавни обвинители. Таа комисија ќе постапува и по предлозите за дисциплински постапки за обвинителките Русковска, Трајчева и Јосифовска
Трите обвинителки засега решија да не ја коментираат одлуката на државниот обвинител – Русковска пишува жалба по решението за времено отстранување од работно место, а Трајчева и Јосифовска се на одмор и предлогот за дисциплинска сè уште не им е врачен
Ако се утврди дисциплинска повреда, според Законот за јавното обвинителство, следува намалување на плата од 15 до 30 проценти (најмногу до шест месеци) или разрешување
Суспендираната шефица на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), Вилма Русковска, за „360 степени“ вели дека ја пишува жалбата по решението за времено оддалечување од работно место што го доби вчера. Таа и денеска останува на ставот дека нема да ја коментира постапката.
„Не, сè уште ми легнуваат работите. Треба да напишам и жалба. Така што – не, сè уште нема да коментирам. Жалбата што ја пишувам е за решението за времено оддалечување што треба да ја поднесам до Советот. Што ќе им пишам – ќе размислам“,
вели Русковска.
Вчера беше соопштено дека државниот обвинител Љубомир Јовески го донел решението за оддалечување од функцијата на Русковска врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство. Во него пишува дека јавен обвинител може да биде оддалечен од функцијата ако е во притвор или додека трае кривична или дисциплинска постапка против него. Жалба на ваквото решение обвинителот поднесува до Советот на јавни обвинители, како што најавува Русковска.
„Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија е должен во рок од осум дена од приемот на жалбата од ставот (4) на овој член да донесе конечна одлука“,
стои во член 81 од Законот за јавното обвинителство.
Покрај за Русковска, Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, иницираше дисциплинска постапка и за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои на 18 јули извршија претрес во Управата за финансиска полиција.
Обвинителките Јосифовска и Трајчева се на одмор
На Јосифовска денеска ѝ е последен ден од годишниот одмор. За „360 степени“ вели дека сè уште не го добила предлогот за поведување дисциплинска постапка.
„Веројатно предлогот ќе ми го врачат штом се вратам на работа. Сега, во оваа фаза, навистина, немам што да коментирам, не би сакала да коментирам. Најпрво, треба да видам што е содржано во предлогот, па ќе видам потоа“,
вели Јосифовска.
Предлогот на Јовески за покренување дисциплинска постапка ја затекнал на одмор и обвинителката Трајчева, која е и надвор од земјава. И нејзина евентуална реакција се очекува по враќањето на работа и по приемот на предлогот.
Јавното обвинителство вчера соопшти дека е поведена дисциплинска постапка за тројца обвинители за кои „постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“.
Ова доаѓа по претресот во Управата за финансиска полиција по што следуваа низа јавни препукувања меѓу директорот на Финансискат полиција, Арафат Муареми, и обвинителката Русковска.
Како се води дисциплинска постапка
Според Законот за јавното обвинителство, постапка за утврдување одговорност на јавен обвинител спроведува комисија од пет члена или нивни заменици од кои по еден од вишите јавни обвинителства (Скопје, Штип, Битола и Гостивар) и еден член од јавното обвинителство на Република Северна Македонија, избрани од колегиумите од тие обвинителства. Според информациите што ги добивме од Обвинителството, таква комисија веќе функционира.
„Во Јавното обвинителство, согласно Закон, е формирана и функционира Комисија за утврдување на дисциплинска одговорност на јавните обвинители. Оваа комисија ги води сите дисциплиски постапки против јавни обвинители. Комисијата функционира во согласност со одредбите од Законот за јавното обвинителство и од Правилникот за начинот на спроведување на постапката за утврдување на одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда. Комисијата постапува по поднесениот предлог и утврдува дали јавниот обвинител сторил дисциплинска повреда“,
велат од ЈОРМ за „360 степени“.
Пред поведување дисциплинска постапка, комисијата треба да побара од јавниот обвинител, за кого е поднесен предлогот за дисциплинска постапка, писмено да се изјасни за наводите во него. Потоа, комисијата оценува дали ќе поведе дисциплинска постапка или не.
„Јавниот обвинител против кого се води дисциплинска постапка има право да биде сослушан пред Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност во присуство на бранител, како и да предлага докази во своја корист“,
пишува во член 93 од Законот за јавното обвинителство.
Комисијата, според Законот, носи одлуки со мнозинство од вкупниот број членови, што значи дека за одлука неопходни се минимум три гласа. Ако утврди дека е сторена дисциплинска повреда, ќе донесе решение и ќе изрече една од пропишаните санкции – за утврдена тешка дисциплинска повреда намалување на платата во висина од 15 до 30 проценти од месечната плата на јавниот обвинител во траење од еден до шест месеци или разрешување.