Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески смета дека поднесувањето на околу 1.000 амандмани на законот за легализација на дивоградби од страна на опозицијата е неконструктивно и е свесно блокирање на законските решенија бидејќи со ова мала е веројатноста тој да се изгласа пред распуштање на парламентот.
Сугарески очекува во текот на денот да ги види поднесените амандмани, а најавува дека ќе се обиде да разговара и да укаже дека ова што во моментот се случува е против интересите на граѓаните.
Претседателката на собраниската Комисија за транспорт Лилјана Затуроска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како паушални и несериозни обвинувањата од министерот Сугарески.
„Да носите еден сериозен закон по скратена постапка и да не дозволите широка јавна расправа, сметам дека се недолични изјавите на министерот, кој вината ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ. За законот за урбанистичко планирање беа поднесени 235 амандмани благодарение на широката јавна расправа во Собранието и сите забелешки на стручните чинители беа преформулирани“, рече Затуроска на прес-конференцијата.
Главната забелешка на опозицијата, како што посочи Затуроска, е тоа што во законот паушално е даден датумот заклучно со 1.11. 2019 година и што не се нудат механизми како да се спречи во иднина да не продолжува процесот на легализација.
Според опозицијата, предложениот закон е паушален, несериозен и строго наменет за, како што рече Затуроска, некои локални моќници.
Прес-конференцијата на Сугарески следува по вчерашната седница на собраниската Комисија за транспорт и врски на која требаше да се разгледа ова законско решение, но поради големиот број поднесени амандмани за него воопшто не стана збор. Претседателката на Комисијата Лилјана Затуровска најави дека продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.
Според предлог-законот, за легализација на дивоградби изградени заклучно со 1 октомври 2019 година ќе се плаќаат 100 проценти комуналии за објектот, како и казна во износ од 50 проценти од комуналиите, додека за бесправните електронски комуникациски мрежи надоместот ќе изнесува 10 евра по квадратен метар од изградена површина.
За оние што поднеле барање според стариот закон ќе важат одредбите според кои за легализација ќе се плаќа по евро за квадратен метар.
Предлог-законот не ги опфаќа сите видови бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот Регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, како и станбените згради и нивните доградби и надградби.