Со потпишување меморандум за соработка меѓу општините и Министерството за транспорт и врски стартуваше проектот за изградба и санација на локалните патишта, кој е финансиран со кредит од Светска банка во висина од 70 милиони евра.
Општините треба да испратат соодветна документација и да аплицираат за парични средства за патишта и улици кои сметаат дека им се приоритетни за изградба или санација. Секоја општина може да добие од 500 илјади до 2 милиони евра, а како критериуми се земени бројот на население, површината и број на моторни возила. Парите нема да одат директно кај општините, туку тендери ќе се распишуваат преку Министерството за транспорт и врски.
Првиот тендер од проектот со кој е предвидена санација на патишта во должина од 23 километри во вредност од пет милиони евра е веќе доставен на одобрување во Банката.
„Апелирам до сите градоначалници, иако најголемиот дел имаат доставено, да подготват дополнителни квалитетни проекти. Првиот тендер е доставен до Банката на одобрување и штом даде потврда ќе биде објавен. Во таа фаза ќе бидат опфатени голем број општини и моите очекувања се дека тоа ќе се случи многу бргу. Се работи за санација на улици во овие општини во вкупна должина од 23 километри и инвестиција од пет милиони евра“,
изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Министерката за финансии Нина Ангеловска истакна дека кредитот од Светска банка бил со исклучително поволни услови и со рок на исплата од 15 години, грејс-период од пет години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР.
„Секој вложен денар во инфраструктурата се враќа четирикратно повеќе во економијата. Развојот на локалната инфраструктура е значајна за развој на локалната економија“,
рече Ангеловска.
Општините не знаат да аплицираат за грантови
Претходно, 1,1 милион евра од Светска банка беа издвоени за помош околу подготовката на проектните документации бидејќи, како што посочи министерката за финансии Нина Ангеловска, општините немаат капацитет да подготват соодветен проект. Затоа, со помош на проектната единица во Министерството за финансии, досега беа изработени документации за околу 45 општини. Според Ангеловска, до крајот на март се очекува да бидат предадени и документациите на другите општини.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, денеска изјави дека е оптимист дека реализацијата на проектите ќе биде брза бидејќи, како што рече, залудно е да се почнат ако не се завршат.