Коментирајќи го протестот на транспортерите од групацијата „Макам-транс“, кои денеска со камиони и шлепери направија обиколка низ Скопје и застанаа пред Владата во знак на револт поради зголемената цена на акцизата за горивата, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека го почитува нивното право на протест, но смета дека нивните тези не се издржани.
„Има три клучни аргументи. Прво, зголемувањето на акцизата е заради солидарност, заради граѓаните на оваа држава и апсолутно не е никаков дополнителен товар за кого било. Второ, цената на нафтата во моментов е помала за 20 денари во однос на јануари и февруари. Денеска, со најновото намалување на цената на дизел-горивото, таа е најниска во последните 20 години. Уште еден важен аргумент е тоа што цената на нафтата кај нас е најниска во споредба со сите земји од регионот“,
вели Сугарески и додава дека во дадената ситуација сите треба да бидат солидарни и да покажат разбирање.
Транспортерите, пак, реагираат дека во услови на криза и намален обем на работа оваа давачка им создава дополнителни трошоци и загуби во работењето. „Макам-транс“ бара наместо зголемување на акцизата да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности.