Во посета ќе оди работната група од тројца членови на Судскиот совет, која според годишниот распоред е задолжена за следење на работата на Апелација, на чело со Тања Чачарова, а во чиј состав се и Мирјана Радевска Стевкова и Мери Радева
Судскиот совет денеска на итна седница донесе заклучок Апелацискиот суд Скопје да го посети работна група и да провери дали има процесна повреда во одлучувањето за одредени предмети, дали имало одолговлекување, дали одлучувале судии кои не смееле бидејќи биле пензионирани…
Прв на листата е случајот „Таргет-Тврдина“ за кој во петокот Апелација соопшти дека ја укинува одлуката, но претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, предложи во заклучокот да се сместат уште два други предмети за проверка: „Трезор“, каде што исто како и со „Таргет-Тврдина“ беше укината пресуда пред околу три недели, а меѓу обвинетите е Сашо Мијалков, како и случајот „Транспортер“, кој се однесува на злоупотреби при превозот на ученици во Битола, а обвинет е ексградоначалникот Владимир Талевски.
„Транспортер“, рече Дамева повикувајќи се на информации од медиумите, повеќе од две години и неколку месеци се наоѓа во Апелација и нема одлука.
На предлог на заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, на списокот се додаде и случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај ПМФ.
Во посета ќе оди работната група од тројца членови на Судскиот совет, која според годишниот распоред е задолжена за следење на работата на Апелација, на чело со Тања Чачарова, а во чиј состав се и Мирјана Радевска Стевкова и Мери Радева.
Судијката Радева денеска беше назначена да биде дел од оваа група на место на судијата Зоран Герсимовски бидејќи, како што беше објаснето, Судскиот совет сака да избегне евентуален сомнеж за пристрасно постапување.
Тања Чачарова, како координаторка на групата, рече дека тие редовна ја следат работат на Апелација и навести што е она што тие ќе можат да го утврдат со оглед дека, како што беше кажано, не може да ја оценуваат одлуката на Апелација.
„Јас како координатор сакам едно мало појаснување. Судскиот совет во рамки на своите надлежности има вршено работни посети во овој суд. Ја следи работата на судиите и старите и нерешени предмети. Добиваме и месечни извештаи. Ја знаеме и причината заради немањето можност на судии, зборувам генерално не за конкретните предмети, да го совладуваат приливот на предмети што го добиваат на месечно и годишно ниво. Апелацискиот суд во Скопје е суд кој има најсложени и најголем број предмети. Колку трагаат постапките во голема мера зависи и од овие факти. Што би вршела работната група во контролата? Надзор на што? На траењето на судската постапка, да се земе предвид колку предмети имал овој совет што одлучувал, колку решил, дали имаме намерно одолговлекување или состојбата налагала така… Тоа е она може да го утврдиме ние”,
рече Чачарова.
За заклучокот да се оди во посета на Апелација и да се провери постапувањето во овие случаи, „за“ гласаа 11 од присутните членови на Советот, а еден беше „против“. Во заклучокот нема временски рок кога да се направи посета туку, како што пишува, таа треба да се оствари во најскоро можно време.