Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во интервју за „360 степени“ емитувано во понеделникот на 15 јануари рече дека по расправата за извештајот на Комисијата на известители очекува членовите на Советот да донесат правилна одлука
Барањето, односно иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховен ја поднесе членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа
Судскиот совет денеска на 473. седница треба да расправа и да донесе одлука по извештајот на Комисијата на известители во врска со иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.

Седницата на Советот е отворена за јавноста, а новинарите ќе можат да ја следат расправата и по извештајот на Комисијата, која е седма точка на дневниот ред под наслов „Расправа за извештај по констатирана состојба“.
Барањето, односно иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховен ја поднесе членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, а на последниот работен ден од минатата година (29 декември) тој и одбраната на Адеми на расправата на Комисијата на известители ги вкрстија аргументите во врска со наводите за кои се бара нејзино разрешување.
Иницијативата на Мустафа се темели на две околности, од кои едната е неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември минатата година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Вториот аргумент што го истакна Мустафа на јавната расправа беше интервјуто на Адеми за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за помилувањата од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов. За подносителот на иницијативата е спорно тоа што Адеми не се одзвала на повикот на Судскиот совет да дојде на состанок на кој би се дискутирало за нејзините наводи изнесени во интервјуто.

Со ваквото однесување, рече тогаш Мустафа, претседателката на Врховниот суд не само што го попречила и оневозможила Судскиот совет во остварувањето на основната цел, да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите, туку покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамките на правосудниот систем. Тој побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување, додека одбраната на Адеми, пак, наведувајќи ги своите аргументи, посочи на недоследности во наводите на подносителот на иницијативата и побара Судскиот совет да ја запре целата постапка, со што ќе ја врати довербата на јавноста во судството.
„Денеска и во периодот што следува, токму исходот од оваа постапка ќе ја одреди судбината на судството на Република Северна Македонија“,
рече претседателката на Врховен откако го ислуша образложението на барањето за нејзина одговорност што го презентираше Мустафа.

Иницијативата беше поднесена додека со Судскиот совет претседаваше Сашко Георгиев, а епилогот на постапката се очекува денеска, на втората седница со која ќе претседава ново-старата претседателка на Советот, Весна Дамева. Таа се врати на функцијата по пресудата на Управниот суд кој оцени дека Дамева била незаконски и без образложение разрешена од претседател на Советот лани во мај.
Инаку, како што неофицијално објави ТВ Телма, Мустафа има намера да се откаже од барањето за утврдување одговорност на претседателката на Врховен.
Од Судскиот совет за телевизијата рекле дека досега до нив таква информација нема, а доколку дојде до тоа ќе се одржи седница на која само ќе се констатира дека тој се повлекува од иницијативата и седницата за разрешување нема да се одржи.
Дамева во интервју за „360 степени“ емитувано во понеделникот на 15 јануари рече дека по расправата за извештајот на Комисијата на известители очекува членовите на Советот да донесат правилна одлука.
Таа во интервјуто потврди дека извештајот од Комисијата на известители е готов и дека за него ќе се расправа на седницата закажана за денеска.
„Станува збор за извештај во којшто комисијата, изведувајќи ги сите докази врз основа на одржана јавна расправа, го констатира тоа во документот, но би сакала да напоменам дека согласно Законот за Судски совет донесен во 2019 година, комисијата не дава предлог до Советот во смисла на лично мислење. Само ја констатира фактичката состојба врз основа на изведени докази, врз основа на расправа. На Советот в среда останува да расправа и да одлучи, врз основа на тоа, дали има сторено повреда и доколку има, која е повредата и каква ќе биде финалната одлука, тоа ќе почекаме“,
вели Дамева.

Претседателката на Судскиот совет во интервјуто објасни дека согласно законските одредби, сите членови на Советот може да се дискутираат во однос на извештајот и потоа, по заклучувањето на расправата, се донесува одлука.
„Прво за што се изјаснува Советот е за запирање на постапката, за што се потребни најмалку седум гласа. Доколку нема мнозинство, се пристапува кон констатирање дека е сторена повреда и кон изрекување на една од утврдените законски дисциплински мерки, почнувајќи од најтешката кон најлесната, што значи првата е разрешување, па парична казна имајќи предвид висината и времетраењето, па јавен укор и на крај опомена“,
рече Дамева.
За себе таа рече дека има знае како ќе се произнесе, но не сакаше јавно да открие.
„Да, имам изградено став. Оставаме јавноста да види в среда на седницата каков е мојот став. Ќе учествувам во дебатата – и како член на Судски совет и во својство на претседател секогаш сакам јавно да ги изразувам моите ставови за да нема дилема дека прифаќам одредени ставови или, пак, само гласам за или против. Секогаш дискутирам, но најчесто како претседателка ги изразувам ставовите на крај, за да не бидам обвинета за влијание“,
кажа Дамева во интервјуто.
Во врска со неколкумесечното непирсуство на претседателката на Врховниот суд на седниците на Судскиот совет, Дамева рече дека за тоа одговор треба да се побара лично од неа, но доколку се прашува таа како претседателка на Судски совет, таа е задоволна од присуството на Адеми, бидејќи претседателот на Врховниот суд може да биде од помош за работата на Судскиот совет.
Имено, Адеми се врати, односно беше присутна и учествуваше во работата на претходната седница на Судскиот совет, прва со која претседаваше Дамева откако беше вратена на претседателското столче на Советот.