Како дополнителен момент кој загрижува, потенцираат оттаму, е што расправата на комисијата на известители за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, се одржa денеска (29 декември 2023 година), односно на последниот работен ден од годината, непосредно пред новогодишните и божиќните празници, што носи потенцијален ризик од намалено внимание на домашната јавност и меѓународните претставници за следење на седницата која е од исклучително значење за понатамошните состојби во правосудниот сектор
Блупринт-групата за реформи во правосудството го повикува Судскиот совет да биде исклучително внимателен, транспарентен и доследен во постапката за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Нивниот апел доаѓа по денешната јавна расправа во Судскиот совет, на која членот на Советот и подносител на иницијативата и одбраната на претседателката на Врховниот суд ги соочија аргументите во постапката.
„По одржаната денешна јавна седница за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд на РСМ, Блупринт-групата за реформи во правосудството повикува на внимателно постапување од страна на Судскиот совет на РСМ и доследно почитување на Уставот, конвенциите, законите и востановените добри практики при водење на оваа постапка“,
се вели во соопштението од Блупринт-групата за реформи во правосудството.
Оттаму велат дека загрижува тоа што Советот поведува постапка каде што како основ за утврдување на одговорност е наведено неприсуството на претседателката на Врховниот суд на седниците на Врховниот суд, како и недоаѓањето на состанок откако од нејзина страна беа изнесени наводи за притисоци врз највиоскиот суд во државата.
„Нè загрижуваат и денешните наоди изнесени на седницата согласно кои претседателката не го почитува Законот за Судски совет, а истата не била повикувана на седниците во законски определениот рок од седум дена, токму во временски период за кој се повикува на одговорност за недоаѓање на седниците. Дополнително, беше побарано од истата да приложи дополнителна документација со која ќе го оправда своето отсуство“,
се вели во соопштението.
Блупринт-групата со укажување до Судскиот совет, вели дека треба доследно да се следат основите наведени во барањето за утврдување на одговорност на претседателката на Врховен и воздржаност од вметнување дополнителни наводи кои не се наведени во барањето.
Согласно уставната поставеност, потсетуваат од групата, претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членови по функција без право на глас, поради што и нивното присуство не е од суштинско значење за работата на седниците на Судскиот совет, во смислa на донесување одлуки.
„Од друга страна, кога станува збор за членовите по функција, треба да се имаат предвид и препораките на Советот на Европа и Европската Унија, кои укажуваат дека токму отсуството на овие членови од седниците може да се толкува како добра практика, бидејќи со тоа се намалува можноста за влијание врз Советот. Дополнително, улогата на претседателката на Врховниот суд на РСМ е посуштинска и позначајна во рамките на организација на работата на Врховниот суд и останатите судови во РСМ“,
велат од Блупринт-групата за реформи во правосудството.
Како дополнителен момент кој загрижува, потенцираат оттаму, е што расправата на комисијата се одржa денеска (29 декември 2023 година), односно на последниот работен ден од годината, непосредно пред новогодишните и божиќните празници.
Ваквото постапување, велат, предизвикува потенцијален ризик од намалено внимание на домашната јавност и меѓународните претставници за следење на седницата која е од исклучително значење за понатамошните состојби во правосудниот сектор, имајќи предвид дека станува збор за постапка која се води против претседател на највисокиот суд во државата.
„Ваквата состојба е уште позагрижувачка доколку се земе предвид целокупниот контекст во кој се случува ваквата постапка. Во Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2023 година, во делот за правосудството, се наведува дека ‘постои сериозна загриженост за несоодветно надворешно влијание на работата на Судскиот совет и судството.’ Токму оваа констатација го опфаќа и актуелното постапување на Судскиот совет во конкретниот случај. Оттаму, Блупринт-групата упатува апел за исклучително внимателно, транспарентно и доследно постапување на Судскиот совет во оваа постапка, чие спроведување мора да биде засновано исклучиво на прифатените процесни и материјални одредби за добро владеење и независност на судството, како и да се има предвид праксата на Европскиот суд за човековите права која беше презентирана на самата седница“,
велат од Блупринт-групата за реформи во правосудството.
Последиците, посочуваат од групата, пред сè ќе бидат посебно отежнителни за судиите и погубни за целото судство, поради тоа што ќе се зголеми притисокот од тоа дека и тие можат да бидат дисциплински процесуирани и за банални работи како во конкретниот случај.
„Треба да се има предвид досегашната пракса на Судскиот совет за непокренување на одговорност на претседатели на Врховниот суд во слични или исти ситуации кога не присуствувале на седниците на Судскиот совет години наназад“,
подвлекуваат оттаму.
Инаку, Блупринт-групата ја сочинуваат следните граѓански организации: Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).