Судскиот совет нема да поведе постапка за утврдување одговорност против судијата Добрила Кацарска, во врска со изјавата на обвинителката Лиле Стефанова како сведок во случајот „Рекет“, дека таа вршела притисок за предметот „Империја“.
„Заради заштита на личноста и интегритетот на судиите, Судскиот совет во врска со поднесеното барање од судијата на Основниот кривичен суд Скопје, Добрила Кацарска, кое се однесува на дадениот исказ во својство на сведок од јавниот обвинител на Основно јавно обвинителство – Радовиш, Лиле Стефанова, во постапката по предметот со кодно име ‘Рекет‘ ја известува јавноста дека пред Судскиот совет досега не е поведена постапка за утврдување одговорност ниту, пак, е поднесена претставка против судијата Добрила Кацарска за конкретниот случај“,
се вели во соопштението на Судскиот совет.
Кацарска на 31 јануари побара од Советот да ги провери тврдењата на обвинителката Лиле Стефанова искажани на рочиште за случајот „Рекет“ дека судијката во време додека се одлучувало за притворот на Орце Камчев за предметот „Империја“, цело време била во судот и вршела притисок преку колега обвинител.
Според претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, оваа е првпат судија да бара покренување постапка за утврдување одговорност.